25.8 C
Skopje
Wednesday, September 28, 2022

Се мисли ли Мијалков да плати повеќе од пет милиони евра за помала казна во „Империја“?

Најчитани вести

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не открива дали поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и газдата на „Пелистерка” Цветан Панделески побарале да се спогодат со обвинителството за случајот „Империја”. Повикувајќи се на презумцијата на невиност, ОЈО ГОК не даде одговор ниту дали некој од останатите обвинети побарал да признае вина и да се спогоди за помала казна. Ако Мијалков реши да признае вина и да се спогодби за да добие помала казна, ќе треба да и плати на државата повеќе од петте милиони евра што ги уплати Орце Камчев, бидејќи замрзнатиот имот на Мијалков е проценет на сума од 32 милиони евра.

„Со оглед дека предметот е во завршна фаза секој осомничен има право да достави иницијатива за спогодување со обвинителството, обвинителството согласно законски утврдената постапка одлучува дали иницијативата ќе биде прифатена или осомничениот ќе биде обвинет и ќе има можност својата вина да ја признае на главна расправа. Јавното обвинителство, заради заштита на пресумпцијата на невиност и на постапката, не може да објавува детали за евентуални иницијативи за спогодување, додека не бидат прифатени и потврдени од надлежниот суд”, стои во одговорот што МКД.мк го доби од Обвинителството.

Во предметот Империја” бизнисменот Орце Камчев кој беше првоосомничен за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело, се спогоди и доби една година затвор. Покрај затворската казна, Камчев уплати и 5,1 милиони евра (околу 320 милиони денари) на државниот буџет преку УЈП.

Членот 483 од Закон за кривична постапка (ЗКП) овозможува поднесување на предлог-спогодба со признание на вина.

„До поднесување на обвинение јавниот обвинител и осомничениот можат да поднесат предлог-спогодба со која бараат од судијата на претходната постапка да примени кривична санкција определена според видот и висината, во законски определените рамки за конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната определени со Кривичниот законик. (2) Јавниот обвинител е должен кон предлог-спогодбата, заедно со сите докази да приложи и писмена изјава потпишана од оштетениот во однос на видот и висината на имотноправното побарување. (3) Спогодувањето се врши меѓу надлежниот јавен обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител”, се вели во членот 483 од ЗКП.

Шефицата на ОЈО ГОК, Вилма Русковска во врска предметот „Империја” во Топ тема на телевизија Телма потврди дека е прифатена предлог-спогодбата со Камчев.

„Предлог спогодбата со Камчев е прифатена во средата. Од фирмата Кара односно Орка холдинг уплатени се 320 милиони денари (околу 5,1 милион евра). Фирмата е на Орце Камчев. Тие средства се уплатени на УЈП. Предлог-спогодбата беше верификувана од судија на претходна постапка. Ова значи дека нема да се води постапка против него, а тој се согласи на казна од една година затвор. Пред 15-ина дена беше поднесена иницијативата. Каде што е предвидена казна затвор од 5 години, согласност мора да даде јавниот обвинител. Разговаравме со надлежната обвинителка Лиле Стефанова и доставивме предлог до државниот обвинител Љубомир Јовевски. За 7 дена добивме согласност, а во меѓувреме тој ги уплати средствата на УЈП. Ова е прва толкава сум уплатена на буџетски средства во готово”, рече Русковска.

За тоа дали Мијалков има поднесено предлог-спогодба, Русковска вели има некој најави дека тој сака да се спогоди. На Мијалков му е замрзнат имот вреден 32 милиони евра.

„Има некој најави дека и Мијалков би сакал да се спогоди, но ќе видиме што ќе понуди за него сигурно ќе биде поголема и казната и сумата која ќе треба да ја уплати во буџетот. Ќе бидеме во координација со јавниот обвинител Љубомир Јовески и ќе одлучиме дали ќе ја прифатиме или не. Сакам да појаснам дека за интересите на државата е многу подобро да се уплатат средства на овој начин, отколку да се наплатуваат средства по правосилна пресуда. Еве за Франфуртска мафија после 10 години се продава имотот за да може државата да си ги наплати средствата. Во интерес на државата е да се наплатат средства во готово”, вели Русковска.

Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година, а ја води обвинителката Лиле Стефанова. Осомничени освен Камчев и Мијалков се уште 11 лица, односно Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Истрагата траеше 3 и пол години, а пред нејзиното затворање беше замрзнат имотот на фирми поврзани со случајот и со осомничените, бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Ја започна Специјалното јавно обвинителство, а по неговото згаснување ја презема Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф-шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com