Ситуацијата со поплавите во Словенија никако да се подобри. Пријавени се напукнувања на брани и излевања на неколку реки. Продолжи евакуацијата на населението од критичните подрачја, а неколку региони останаа без струја поради уништената инфраструктура. Во текот на ноќта беа спроведени акции на неколку места поради опасност од лавина. Во Долна Бистрица пукнал насип на реката Мура чиешто ниво се зголемува, евакуирани се 500 луѓе.
„Никогаш не помислував дека ќе го доживеам ова. Имам 63 години. Сега е најблиску до мене, еден и пол километар од мојата куќа. Овде се чувствувам најбезбедно.“
„Група од 23 луѓе сме од Австрија. Овде сме веќе шести, седми пат, ама вчера беше драматично. Не спасија со чамец, па со автобус дојдовме овде. Некои беа пренесени со хеликоптер. Ви благодарам за поддршката, за облеката, оброците. Одлични се.“
Љубљана бара помош од европскиот фонд за солидарност поради последиците од поплавите кои зафатија две третини од Словенија. Штетата се проценува на повеќе од половина милијарда евра, но властите прогнозираат поголема сума со оглед на степенот и размерот во кој е уништена инфраструктурата.
„Над 3.000 случаи во 48 часа во 145 општини, ова се застрашувачки размери“, изјави Наташа Пирц Мусар, претседател на Словенија.
„Зборуваме за стотици згради и штета од над 500 милиони евра“, рече Роберт Голоб, премиер на Словенија.
„Првиот начин, кој е во моја надлежност, е преку европскиот механизам за цивилна заштита. Познато ми е дека Словенија ќе аплицира за помош од Европскиот фонд за солидарност“, изјави Јанез Ленарчич, европски комесар за справување со кризи.
Поројни дождови и град во делови од Србија и Хрватска. Водостојот на реката Сава кај Загреб достигна рекордно ниво. Поради невремето во Белград беа откажани бројни летови на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.