Злото од Сребреница никогаш да не се повтори, ниту да се дозволи да се заборави. Регионот и светот се сеќаваат на геноцидот од пред 28 години кога 8.000 мажи и момчиња Бошњаци брутално беа убиени од војници на босанските Срби во меѓуетничката војна од 1992 до 1995 година.
„Ова беше еден од најбруталните геноциди. Јас сум мајка, замислете каков е животот на мајките на Сребреница. Не можам ни да помислам што претрпеле нивните најблиски, каква голгота, мачење. Треба да ги донесеме нашите деца овде да ја научат нивната историја“, рече Самира Балтиќ.
Во Меморијалниот центар Поточари, 28 години подоцна, останките на 30 мажи и тинејџери добија место на вечното почивалиште, придружувајќи им се на повеќе од 6.600 жртви. И натаму се трага по околу 1 000 останки.
„Една фотографија е единственото нешто што ми остана од татко ми. Тоа е сè што имам. Но јас имам љубов кон него во моето срце. Тој сè уште живее во нас, ќе живее додека сме живи“, вели Селма Рамиќ.
„Јас сум мајка, се грижам за моето дете, за неговата иднина. Не можам да замислам како мајките на Сребреница живеат со својата болка“, рече Џенана Мехмедовиќ.
За геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година, Хашкиот трибунал и судовите во БиХ, Србија и Хрватска досега осудија 47 лица на повеќе од 700 години затвор.
„Голем број криминалци се на слобода. Во Сребреница сè уште се носат униформите на оние што ги убиваа нашите деца и сè уште има голем број на негатори на геноцидот. Сè уште во Сребреница, во ентитетот Република Српска, Ратко Младиќ, Караџиќ и сите други криминалци се големи херои“, изјави Мунира Субашиќ, претседателка на организацијата „Мајки од Сребреница“.
Геноцидот во Сребреница е една од најтемните страници на европската историја и Европа се сеќава на својата одговорност и неуспехот да ги заштити жртвите, истакнаа во заедничката изјава шефот на европската безбедносна политика Борел и комесарот за проширување Вархеји.