Серена Вилијамс и нејзиниот сопруг Алексис Охенијан го дочекаа своето второ дете.
Поранешната тенисерка радосната вест ја сподели на социјалните мрежи.
На „Инстаграм“, покрај семејната фотографија, таа го откри и името на девојчето – Адира Ривер Охенијан.
А на „Тик-ток“ сподели видео со својот сопруг претприемач и инвеститор, нивната ќерка Олимпија и бебето. „Добре дојде на мојот прекрасен ангел“, напиша Серена во описот на фотографијата.
На годинешната „Мет-гала“ во Њујорк, Серена (41) објави дека чека второ дете, а на новинарите им кажа дека на престижниот моден настан пристигнала со сопругот и ќерката. „Бев толку возбудена кога Ана Винтур нè покани тројцата на ‘Мет-гала’“, рече таа тогаш.
Минатата година таа изјави дека планира да се повлече од тенисот и дека сака да го прошири своето семејство.
Ќерката Олимпија ја роди во 2017 година.
Серена и Алексис се запознаа во 2015 година во хотел во Рим. Набрзо се вљубија и, по една година врска се свршија. Се венчаа во 2017 година.