21.8 C
Skopje
Tuesday, June 15, 2021

„Сенишната шума“, нов роман за деца од британскиот автор Мет Хејг

Најчитани вести

„Сенишната шума” од Мет Хејг е последниот роман издаден од Паблишер, како дел од едицијата „Приказни што нè обединуваат”.

Мет Хејг е познат  британски автор чии дела се преведени на околу 40 светски јазици. Романот кој прв пат го објави во 2007 година, „Сенишната шума“, на младите им нуди извонредна магична приказна која ќе ги втурне во неверојатниот свет на авторот.

Употребувајќи го норвешкиот фолклор, тој вешто ги испреплетува хуморот и тагата, реалноста и фантазијата, поведувајќи ги читателите во волшебна авантура полна со неочекувани пресврти. Главниот јунак во оваа книга е Самјуел Блинк, но тој сѐ уште не го знае тоа. Засега седи во семејниот автомобил заедно со сестра си Марта и се нервира од нејзиното пеење… сѐ додека не го здогледа огромниот трупец што паѓа од еден камион и засекогаш им го менува животот. Останати сами, тие се принудени да се преселат во Норвешка кај тетка си Ида и да почитуваат еден куп правила. Најважното гласи: Никогаш не влегувај во Сенишната шума – дом на еднооки тролови, хулдри, гномови, клукајчерепци, вештерки кои им ги крадат сенките… со кои владее злобниот Хорацио Променоносец.

Освен автор, Мет Хејг е и новинар. Тој пишува за неколку национални весници, вклучувајќи ги „Гардијан“ и „Индепендент“. Неговата прва книга за деца „Сенишната шума“, била објавена во 2007 година и освоила голем број награди. Нејзиното продолжение „Избеганиот трол“ излегува од печат во 2009 година. Оттогаш ги има напишано и „Да се биде мачка“, „Момчето Ехо“ и „Момчето што се вика Божик“. Потоа следуваат и „Девојчето што го спаси Божик“, „Дедо Мраз и јас“, „Виленикот Вистина“, „Иви и животните“, „Виленикот Вистина оди во училиште“ и „Иви во џунглата“. Неговите мемоари „Причини да се остане жив“ останаа 46 недели меѓу најдобрите десет на британската листа на најпродавани.

Преводот на македонски е на Паулина Јамакова Пејкова.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести