Килијан Мбапе може да стане најплатен фудбалер во историјата, доколку ја прифати понудата на Ал Хилал, а клубот од Саудиска Арабија прави се што може за да го убеди Французинот на ваква операција.
Мбапе мора да си најде нов клуб летово бидејќи не сака да го продолжи договорот со ПСЖ, а клубот нема да му дозволи да игра уште една сезона во таква ситуација, па сега на сцена стапи Ал Хилал и понудата која изнесува најмалку 300 милиони евра по сезоната.
Медиумите тврдат дека Мбапе ќе заработи и многу повеќе од комерцијални канали, а неговото семејство веќе дало зелено светло за авантурата во амбициозната лига.
Најблиските, вклучувајќи ја мајката на Мбапе која има важна улога во носењето на одлуките, се убедени дека краткиот престој во азиската земја е подобра опција од продолжување на конфликтот со ПСЖ.
Килијан деновиве треба да ја донесе конечната одлука, по што ќе биде јасно дали Ал Хилал уште еднаш ќе остане со празни раце, откако претходно не успеа да го убеди Лионел Меси на трансфер во Саудиска Арабија.