32.8 C
Skopje
Monday, August 8, 2022

Села: Политичарите да не собираат поени, ЕУ процесот мора да продолжи

Најчитани вести

„Го добивме предлогот за продолжување на процесите кон членство во ЕУ и ќе го анализираме. Спорот со Бугарија треба да се реши, почнувајќи од најосновното – соседите меѓу себе да се признаваат. И пред Самитот на ЕУ реков дека не се работи само за прифаќање или одбивање на предлогот, туку за продолжување на евроинтеграциите. Друга опција за Македонија не треба да постои“, нагласи лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села по консултации за францускиот предлог со премиерот Димитар Ковачевски. Тој упати порака за уставна измена во поглед на 20-те проценти за официјална употреба на албанскиот јазик.

Села рече дека во поглед на ЕУ Македонија нема друга алтернатива и дека алтернатива не може да биде „Отворен Балкан”.

„Земјава мора што поскоро да стане членка на ЕУ по пат на преговори и договори. Ставот на АА е јасен, што поитно кон ЕУ, како што и претходно не се двоумевме за НАТО, со цел да се чувствуваме побезбедни и постабилни“, рече Села.

Тој на партиите и на политичарите им порача да не собираат поени на ова прашање, туку да прифатат продолжување на евроинтеграцискиот процес.

Во однос на прашањето на македонскиот јазик опфатен во документите за преговори, рече дека Алијанса за Албанците ги разбира чувствата на Македонците, дека живееме во земја во која има македонски јазик и дека мора да се води сметка за достоинството на сограѓаните Македонци.

Третирањето на малцинствата треба да оди преку Универзалната декларација на ОН и идентитетот и јазикот мора да бидат право на самоопределување.

„Имам разбирање за граѓаните кои протестираат, но порачувам дека треба добро да се читаат и разбираат договорите, но и добро да бидат презентирани. Секако, мора да се размисли за состојбите во регионот и во Европа и да не се овозможи Македонија да стои во место со загрозена иднина и безбедност“, рече Села.

Тој се наврати на чувствителноста на Македонците кога некој го оспорува нивниот јазик и идентитет и рече дека потсетува и на слични состојби поврзани со Албанците во Македонија.

„Потсетувам како и Албанците се чувствуваат кога некој им го оспорува тоа право, како што сега се оспорува официјалната употреба во места каде Албанците се под 20 проценти. Време е во Уставот да се прецизира употребата на албанскиот јазик без тие проценти. Чувствувам дека кај македонскиот политички блок се разбира ова прашање и јас упатувам порака до ДУИ да се позанимаваат со промена на оваа дефиниција во Уставот“, рече Села.

Ако помалите партии од владината коалиција бидат на став да не го прифатат францускиот предлог, дали Алијанса за Албанците ќе влезе во Владата, Села одговори:

„Тоа прашање не беше дел од разговорите со премиерот. Алијанса за Албанците е јасно определена како опозициска партија и нема да бидеме резервна варијанта за оваа или за друга власт. На избори ќе победиме и ќе бидеме власт“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com