-3.2 C
Skopje
Wednesday, January 19, 2022

Секој мандатар заслужува шанса во првите 100 дена

Најчитани вести

Сашо Клекоски

Во потрага по нов оптимизам на почетокот на новата година, меѓу причините за новиот оптимизам, како петта, единствената исклучиво само за нас во Македонија, домашна причина, е заминувањето на Зоран Заев. И тоа без разлика дали изборот на нов премиер и нова влада ќе е знак на свесност дека политичкиот систем заснован на клиентелизам и корупција е потрошен или не. Уште пред изборот на новата влада, со самото заминување на Зоран Заев, почна губењето контрола, и тоа прво почна во правосудството. Јасен показател за тоа е укинувањето на притворот на Јордан Камчев, кон кого притворот се користеше како казна. Дали работите ќе значат нов почеток, зависи од Димитар Ковачевски, како нов лидер на СДСМ и мандатар на Владата. И ќе повторам дека, и покрај контроверзиите за неговиот фаворизиран избор во СДСМ, верувам дека Димитар Ковачевски е искрен и посветен. И Димитар Ковачевски заслужува шанса за поддршка во првите 100 дена.
Првиот тест за неговата моќ беше изборот на министри во Владата. За жал, се повторува формулата за клиентелизам, па и за неуспех. Коалициските партнери прво ги делат функциите, па потоа партиите предлагаат имиња. Кога Димитар Ковачевски излезе на прес да го соопшти составот на Владата, всушност не настапи како мандатар туку како претседател на партија и ги соопшти само министрите од СДСМ, но не и од ДУИ и Алтернатива. Потребен е обратен редослед, партиите да ги презентираат номинациите и врз основа на најдобрите предлози да се распоредат функциите.

Минатата недела пишував дека за успех ќе требаат министер за правда и јавен обвинител подготвени за пресметка со корупцијата во врвот, на пример како Гордон Калајџиев и Ленче Ристовска. И ќе треба министер за транспорт и за економија, кои заедно со Фатмир Битиќи, како потпретседател на Владата, ќе ги придвижат јавните вложувања, инфраструктурата, енергетиката и економијата. По објавувањето на имињата немаше три од три, ама барем еден од три. Никола Тупанчевски е признаен експерт и веројатно најдобар предлог во Владата и најдобар предлог за министер за правда подолг период. За жал, на другата страна, во транспорт и економија со истите решенија.
Во јавноста, вклучувајќи симпатизери на СДСМ, всушност најмногу незадоволство предизвикува триото Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски. За СДСМ, барем двајца од нив, ако не и сите тројца, носат клучна одговорност за загуба на изборите и беше очекувано нивно повлекување заедно со Зоран Заев. Колку што револтира нивното останување, можеби уште повеќе револтира образложението на мандатарот дека имале позитивни резултати во работата. Кои позитивни работи ги има Благој Бочварски, што постигна во инфраструктурата, во капиталните вложувања? Почесно е да се каже дека тоа е резултат на внатрепартиските лобирања. На пример, ако беше сменет Бочварски, министер ќе беше Петре Шилегов, кој само што ги изгуби изборите за Скопје. Како и да е, бранејќи ги овие решенија, Димитар Ковачевски почна да го троши својот кредит. А без резултати, на пример во транспорт, тешко ќе дочека завршување на мандатот.
Веќе на вториот ден од објавувањето на имињата на новата влада, дојде „бруталната искреност“ на Никола Димитров. Никола Димитров само го изрече тоа што целата јавност го знае, дека нема доверба во Бујар Османи, бидејќи е подготвен да преговара со Бугарија по секоја цена, дека му се поважни брзината и роковите, отколку суштината, содржината на преговараното. Ништо ново, познато од моментот кога по првите гласини од Бугарија против Никола Димитров, тој беше заменет од министер за надворешни работи со Бујар Османи.

Никола Димитров само остана краток и за бруталната искреност дека Зоран Заев, а не Бујар Османи е тој зад брзината и роковите. Ова посебно, бидејќи именувањето на Бујар Османи како главен виновник може да отвори нов меѓуетнички јаз. А, еве, мислам дека и Бојан Маричиќ би преговарал исто како Бујар Османи. Секако, благодарност што го вклучи алармот за поголемо внимание на процесот на преговори со Бугарија.
Гласноста на заминувањето на Никола Димитров сврте внимание не само на тие што ќе бидат избрани туку и на тие што не се избрани. Заминувањето на Венко Филипче и Мила Царовска и од партиските и од владините функции значи крај на обидот на Зоран Заев да изгради сопствени кадри во Скопје. Заминувањето на Никола Димитров, како и тивкото заминување на Ирена Стефоска, која, патем, исто како Димитров, има поинакви ставови за Бугарија, значи крај на широката коалиција на СДСМ меѓу другите со Шарената револуција, која го донесе СДСМ на власт. Со исклучок на Тупанчевски, новите имиња се класични партиски имиња. Ваквото стеснување на базата на Владата, понатаму ќе ги проблематизира легитимитетот на Владата и нејзиниот опстанок.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com