Сега е време да се даде приоритет на мирот и безбедноста на Западен Балкан, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка, одговарајќи на прашањето дали САД се загрижени за информациите од Бугарија дека постои ризик Западен Балкан да стане регион на нестабилност поради делување на руски агенти.
Бугарскиот премиер Кирил Петков пред неколку дена предупреди дека Бугарската државна агенција за национална безбедност истражува шпиони кои работат против разбирање меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и против европската иднина на Западниот Балкан.
„Нема што да споделиме за коментарите на премиерот Петков. Би ве упатиле до Владата на Бугарија. Во однос на стабилноста во регионот на Западен Балкан, руските обиди да се промовира политички раздор не се нови. Сега е време да се даде приоритет на мирот и безбедноста на Западен Балкан“, се вели во изјавата на портпарол на Стејт департментот.
А на прашањето дали САД очекуваат до крајот на француското претседателство со Европската Унија да се тргне бугарското вето и да се постигне договор меѓу Скопје и Софија, од Стејт департментот одговорија:
„Ние продолжуваме да ги поддржуваме ЕУ аспирациите на сите земји од Западен Балкан. Ги поздравуваме напорите на владите на Северна Македонија и Бугарија за решавање на ова прашање“.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека лица вработени во македонските државни институции агитирале да не се постигне договор со Бугарија оти наскоро во Северна Македонија ќе имало предвремени избори.
„Колку повеќе ќе се зголемуваат изгледите за изнаоѓање на решение за забрзување на европскиот пат, толку повеќе ќе се најдат вознемирени луѓето кои цело време работеа оваа перспектива да не се случи. Оваа недела од Северна Македонија се јавувале во Бугарија кажувајќи дека непотребен е целиот ангажман затоа што овде ќе се оди брзо на избори, дека ќе има предвремени избори и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение. Таквите обиди се од луѓе во институции кои се на иста линија со оние кои ги коментира премиерот на Бугарија Кирил Петков“, рече Османи на брифинг за новинарите.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, рече дека не може да ја коментира изјавата на бугарскиот премиер Петков дека руски агенти работеле против постигнување договор со Северна Македонија, бидејќи се базирала на сознанија и информации од бугарските институции и служби.
„Меѓутоа, бидејќи се работи за актуелен бугарски премиер, треба да му се верува“, додаде тој.
Петмина вработени во Руската амбасада во Скопје беа протерани минатата недела оти, како што изјави Пендаровски, „излегле од мандатот што го имале“.
САД минатата недела го поздравија протерувањето на руски разузнавачи од страна на сојузниците во Европа и светот.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека „стоиме обединети со нашите сојузници во заштита на нивната национална безбедност од разузнавачките закани на Руската Федерација и од заканите за демократијата. Ја продолжуваме нашата обединета поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, рече тогаш Прајс.