14.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Северна Македонија има многу добра регулатива за заштита на личните податоци, но клучно е нејзиното спроведување

Најчитани вести

Новиот Закон за заштита на лични податоци е во фокусот на проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“, чија цел е подобрување на заштитата на основните човекови права и националниот систем за заштита на личните податоци во согласност со стандардите од законодавството на ЕУ, како и подобрување на работата на Агенцијата за заштита на личните податоци. Со новиот Закон за заштита на личните податоци се транспонира Општата регулатива за заштита на личните податоци (ГДПР) на Европската Унија.

Проектот беше промовиран денеска на настан во организација на Агенцијата за заштита на личните податоци на Северна Македонија, Агенцијата за заштита на личните податоци на Хрватска и Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ). Претставниците на ЕУ оценија дека нашиот закон е еден од подобрите во овој дел на Европа, но сепак потенцираа дека е клучно неговото спроведување.

Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека новиот Закон за заштита на личните податоци претставува значаен исчекор во однос на заштитата на приватноста на податоците и со тоа како земја држиме чекор со модерниот и развиен свет, каде што оваа заштита на податоци е од исклучително значење.

– Живееме во ера на дигитална трансформација каде што информациските технологии се дел од нашето секојдневие. Личните податоци циркулираат во сајбер светот како никогаш досега. Со тоа и самата нивна заштита е предизвик како никогаш досега. Она што се направи со новиот Закон донесен во февруари минатата година, е навремено препознавање на трендот на заштита на личните податоци во Европа и соодветно на тоа поставување на заштитата на личните податоци високо на агендата на транспонирање на европското законодавство во националното, истакна министерот за правда Маричиќ.

Овој исчекор, според него, беше препознаен и нотиран во Извештајот на Европската комисија за земјата во 2020 година и дека тоа е мотив за продолжување на реформата.

– Ќе се согласиме сите дека за поздравување е што земја со статус кандидат за членство во ЕУ презема чекори за континуирано усогласување на националното законодавство со европското, бидејќи самата ГДПР поставува повисоки стандарди и е со обврзувачки дејство, рече Маричиќ.

Образложувајќи го законот, министерот посочи дека доколку има прекршувања им се остава рок на компаниите да ги регулираат, а што се однесува до казните разговарано е ова прашање да се разгледа и да се види како ќе функцинира во пракса.

– Претходно, треба да се направат и компаративни анализи за висината на казните, а доколку се утврди евентуална реална потреба за нивно прилагодување, повторно ќе се отвори дијалог, рече Маричиќ.

Министерот истакна дека за унапредување на законодавството за заштита на лични податоци, Владата пред два месеца го усвои и Предлог-законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела и за извршување на кривични санкции или популарно наречената Полициска директива.

Раководителот на Одделот за соработка во ДЕУ Штефан Худолин истакна дека Северна Македонија покажа дека на својот пат кон полноправно членство ги почитува човековите права и ги спроведува сите закони за заштита на лични податоци.

– Ние сакаме да го поздравиме добриот напредок направен досега во оваа насока и дека е донесена целосна правна рамка и регулативи за спроведување на ГДПР, рече тој оценувајќи дека законот е еден од најдобрите во овој дел на Европа.

Сепак, тој посочи дека само донесувањето на Законот не е доволно и дека негвото спроведување е токму полето на коешто треба да се работи.

– Спроведувањето на Законот и осетливоста на прашањето налага обука и образование на луѓето од јавниот и приватниот сектор и исто така зголемување на јавната свест за потребата од заштитата на личните податоци, нагласи тој посочувајќи на потребата Агенцијата да има доволно капацитет и ресурси, односно дека се потребни дополнителни вработувања. Апелираше до властите не само да обезбедат средства туку и да овозможат задржување на експерите за заштита на личните податоци посебно во Агенцијата.

Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци Имер Алиу истакна дека со новата легислатива ќе им се зголемат надлежностите, но и обемот на работа што секако ќе бара голем ангажман.

– Како резултат на ова очекуваме поддршка од сите релевантни институции за зајакнување и унапредување на нашиот кадар. Предизвик за Агенцијата останува обучен кадар, особено ИТ експерти кои се клучни за импелемнтација на новата легислатива што е поврзано со модерната технологија. Исто така е потребна финансиска поддршка и генерално обезбедување независен статус на нашата институција. Агенцијата не само што треба да обезбеди поддршка и превезнија и треба да унапреди својата улога, рече Алиу.

На настанот учествуваат високи владини претставници, претставници од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, лидери на проектот од Хрватска, Северна Македонија и Германија, како и експерти од соодветните тела за заштита на личните податоци од трите земји и ќе бидат претставени целите на проектот, конкретната намена на проектот, резултатите што треба да се постигнат и активностите што ќе се спроведуваат.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com