13.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Северна Кореја тестира нова хиперсонична ракета

Најчитани вести

Северна Кореја тврди дека успешно тестирала нова хиперсонична ракета наречена „Хвасонг-8“.

Државните медиуми наведуваат дека новата ракета е еден од „петте најважни“ нови системи за оружје, планирани во петгодишниот план за воен развој.

Пјонгјанг ја квалификува новата ракета како стратешко оружје, што значи дека таков проектил може да носи и нуклеарни боеви глави, се наведува во извештаите на светските медиуми.

Тестирањето е нов показател за технолошкиот напредок во производството на оружје, и покрај строгите меѓународни санкции.

Севернокорејската државна новинска агенција известува дека развојот на овој систем за оружје ја зголемил способноста на нацијата да се брани на секој начин и дека пробното лансирање ја потврдило успешната навигациска контрола и стабилност на проектилот.

Според експертите, хиперсоничните ракети се многу побрзи и поагилни од ракетите од претходната генерација, што значително ја отежнува ефикасната работа на непријателските системи за рано пресретнување и ракетна одбрана.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун во јануари рече дека научниците завршиле со истражувањата во процесот на развој на хиперсонични ракети способни за успешно избегнување на системите за противракетна одбрана, а вчерашното тестирање беше првиот тест на таква ракета.

Кратко по лансирањето на новата хиперсонична ракета „Хвасонг-8“, севернокорејскиот пратеник Ким Сонг го бранеше правото на неговата земја да развива оружје.

Говорејќи на годишното Генерално собрание на ОН во Њујорк, тој рече дека Северна Кореја гради национална одбрана со цел да се брани и сигурно да ја заштити безбедноста и мирот на земјата.

Јужна Кореја неодамна ја тестираше својата прва балистичка ракета лансирана од подморница за која се вели дека е неопходна како средство за одвраќање на „провокациите“ на Северна Кореја, а Пјонгјанг постојано го обвинува Сеул за двојни стандарди во однос на воените активности.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com