7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Светски ден против дијабетес, во Mакедонија дијагностицирани 172.949 пациенти

Најчитани вести

Околу 422 милиони луѓе ширум светот имаат дијабетес, а мнозинството од нив живеат во земји со низок и среден приход. Речиси 1,5 милиони од смртните случаи на светско ниво се препишуваат на дијабетес секоја година. Според информациите од Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на дијабетес постојано се зголемува во последните неколку децении.

Дијабетесот е главна причина за откажување на бубрезите, срцев удар, мозожен удар и ампутација на долните екстремитети. Помеѓу 2000 и 2019 година на светско ниво е забележано зголемување од три процени во стапката на смртност од дијабетес според возраста. Здравата исхрана, редовна физичка активност, одржување на нормална телесна тежина и избегнување на употреба на тутун се начини да се спречи или одложи појавата на дијабетес тип 2.

СЗО секоја година на 14 ноември го одбележува Светскиот ден за борба против дијабетесот. Овогодишната кампања се фокусира на потребата за подобар пристап до квалитетно образование за дијабетес. По повод Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ) денеска ќе се одржи тркалезна маса на тема „Предизвиците за дијабетесот во Македонија – заедно еден со друг“.

Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК во рамки на годинашните програмски активности вечер, во 19 часот, во објектот на „Мала станица“ со пригоден настан ќе го одбележи 14 ноември – Светскиот ден на дијабетесот. Како што е најавено, воведни обраќања ќе имаат сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска и министерот за здравство Беким Сали.

Во Македонија, согласно добиените податоци од Институт за јавно здравје, до 2021 година регистрирани се вкупно 172 949 пациенти со дијагноза на шеќерна болест.

Димче Велев, претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари во изјава за МИА вели дека лицата со дијабетес во земјава ја добиваат најиновативната терапија што постои.

„Добиваме современи инсулини, согласно европските и светски стандарди. Се соочуваме со мали недостатоци што се надеваме дека набргу административно ќе се надминат и ќе бидат достапни повторно на пациентите кои имаат недостаток“, изјави Велев.

Според него, неопходно е да ја добијат можноста за целосно квалитетно менаџирање на дијабетесот со квалитетни ленти, квалитетни дигитални апарати, глукомери за кои бараат да бидат со референтна цена, сензори за деца и млади за полесно да живеат со болеста.

„Тоа што очекуваме е во следниот период да се реализира нова набавка на инсулини со олесната постапка и процедура околу јавната набавка. Нашата идеја што ја презентиравме минатата година е преку отворен пазар да се оди на тие набавки со цел побрз пристап до иновативни терапии“, додаде тој.

Светскиот ден против дијабетесот е основан во 1991 година од страна на Меѓународната федерација на дијабетичари со поддршка од СЗО, како одговор на растечката загриженост за ескалацијата на заканата по здравјето од дијабетес. Светскиот ден на дијабетот стана официјален ден на Обединетите Наци во 2006 година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести