21.8 C
Skopje
Tuesday, June 15, 2021

Светски ден на театарот – 27 март – авторки на светската и македонската порака се актерките Хелен Мирен и Сузан Акбелге

Најчитани вести

Македонскиот центар ИТИ/Продукција традиционално ги проследува светската и македонската порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 март.

Храбри, мудри, силни и освестувачки пораки од две фантастични актерки стигнаа на Светскиот ден на театарот во оваа 2021 година, кога пандемијата на ковид-19 сѐ уште ја држи глобалната театарска сцена во заложништво, а театарџиите трагаат по нови форми на израз само да не запрат со својата работа. Македонскиот центар ИТИ/Продукција, како дел од глобалната иницијатива на ИТИ УНЕСКО, ги проследи светската порака по повод Денот на театарот, испратена од познатата британска сценска, филмска и ТВ актерка Хелен Мирен, како и македонската порака на актерката Сузан Акбелге.

– Ова време е многу тешко за изведувачките уметности; тешко е за многуте уметници, техничари и занаетчии; за жените кои се борат за своето место во оваа професија, која бездруго е обележена со несигурност. Можеби оваа постојано присутна несигурност, ги направи театарџиите поспособни да ја преживеат оваа пандемија со мудрост и храброст. Нивната имагинација како да самата се преведува и пренесува, во овие нови околности, во овие инвентивни, забавни и трогателни начини на комуникација, благодарејќи на насоките кои интернетот претежно ни ги наметнува. Луѓето меѓусебно си раскажувале приказни откако постојат на планетава. Убавата култура на театарот ќе живее додека ние опстојуваме на неа. Креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчерите, актерите, музичарите, режисерите, никогаш нема да биде потиснат, а во блиската иднина тој повторно ќе процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние го делиме. Едвај чекам! – напиша Хелен Мирен, а нејзината порака на македонски јазик ја преведе д-р Иванка Апостолова Баскар.

Авторка на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот е актерката Сузан Акбелге од Турскиот театар во Скопје. Својата порака Акбелге ја почнува со прашањата: Дали животот е сон? Дали сонот е живот? Зарем битисувањето на сцена не е сонување со очи ширум отворени?

– Меѓу просторот што магично се протега помеѓу актерот и публиката, сега и тука, пореално дури и од самите себеси, е она што ја исполнува суштината на театарот. Зарем не звучи како љубовта која е интимна, бескрајна, безвремена… Дадена само и само по своја волја… слободна. Само љубовта може да ја смени неговата душа и само вистинската љубов може да го смени светот, да го оттргне волчјиот замав од патот на алчноста и кукавичлукот кон оној на честа, охрабрен. Бертолд Брехт прашува: „Во мрачните времиња ќе има ли пеење?“ и одговара: „Да, ќе има пеење за мрачните времиња.“ Во далечната 1606 год, кога во Лондон за време на големата чума театрите биле повеќе затворени отколку отворени, Вилијам Шекспир во самоизолација ги создал двете култни драми „Кралот Лир“ и „Магбет“. Актерите ги напуштиле големите градови додека претставите се изведувале на отворено во помалите места. Деновиве, додека чувствуваме дека отсекаде нѐ демне невидливиот тиранин, водени од палката на неговиот ритам, тој кој нѐ присили да се прибереме не само во своите домови туку, пред сѐ, во себеси… за првпат после долго време какафонија… (пауза)… монолог. Толку тивок, а толку гласен, толку слободен, а заробен. Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата, сѐ уште, не знаеме, но она што со сигурност го знаеме е дека светот во којшто човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица која на сила втурнува политички чиновници кои уништуваат институции и цели генерации луѓе… актери, е неодржлив и дека промените се неминовни и нужни како на општествено, така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво. Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативност и истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина. Денес, на светскиот ден на театарот, во време на голема криза кога во изобилие го имаме само времето… Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме. На крајот, ве поздравувам со зборовите на бардот на македонската драма, Горан Стефановски, „Ќе зборуваме или ќе работиме?“ – стои во пораката на Сузан Акбелге.

Сузан Акбелге / Фотографија: Ана Лазаревска

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести