Светот се збогува со легендарната Тина Тарнер … Незапирливата пејачка и танчерка, кратко време и актерка, е родена како Ана Меј Булок во Тенеси. „Кралицата на рокенролот“ почина по долго боледување на 83-годишна возраст во нејзиниот дом во близина на Цирих. Обожавателите оддадоа последна почит со цвеќе положено на ѕвездата на Тарнер на Булеварот на славните во Холивуд, пред нејзиниот дом во Швајцарија и пред лондонскиот театар Алдвич – сегашниот дом на мјузиклот „Тина“, за животот на покојната пејачка.
„Знаете низ што се помина, но се бореше“, рече Мајк Равица, жител на Лос Анџелес.
„Очигледно, многу луѓе ја сакаа Тина Тарнер“, Султан Мухамед, обожавателка на Тина Тарнер.
„Таа и даде звук на музиката што само таа можеше да го направи“, Стив Снајпс – обожавател на Тина Тарнер.
„Таа ги заслужува сите цвеќиња и сакам да издвојам една минута за да и подарам цвеќе и да и оддадам почит на неа, нашиот херој“, Џеки Ален-обожавателка на Тина Тарнер.
Познатите личности се простија од својата драга колешка, соработничка. И се заблагодарија што беше инспирација за милиони луѓе и што направи вистинска револуција во поп и рок-културата.
„Прво, Тина Тарнер е без сомнение кралица на рокенролот. Тоа е етикета што не можеме да и ја земеме и да ја ставиме на друг. Сето тоа е нејзино, затоа што вокалната и сценската изведба во музиката не би постоеле, без тоа што таа го правеше“,.
И од Белата куќа со сочувство за семејството и пријателите на легендарната музичка икона.
„Тина Тарнер беше музичка икона. Многу е тажно кога ќе слушнете таква вест. Бев голем фан на Тина Тарнер. Тоа е огромна загуба за заедницата што ја сакаше и секако за музичката индустрија. Нејзината музика ќе живее и ќе продолжи да живее“, изјави Британи Спанос, виш уредник во „Ролинг Стоун“.
Подемот на Тина Тарнер, врвот на ранг-листите и славата почнаа уште во 60-тите година, во кои твореше со својот тогашен сопруг Ајк Тарнер. Се прослави со своите енергични настапи во живо, како и впечатливиот глас, а во текот на својата кариера освои 12 „Греми“ награди и продаде повеќе од 150 милиони копии од своите плочи. Во 2021 година влезе во Куќата на славните на рокенрол музиката, како соло изведувач, откако претходно таа чест и беше доделена во 1991-ва година.