1.8 C
Skopje
Sunday, January 29, 2023

Саутгејт: Чудесно е, но сакаме да направиме уште два чекора

Најчитани вести

Англија е во полуфиналето на Европското првенство (ЕП), прво за таа фудбалска репрезентација по 25 години и по ЕП 1996, на кое беше домаќин. Тогаш загубија од Германија, на пенали, и не стигнаа до големото финале откако решавачкиот шут од белата точка го промаши сегашниот селектор, Герет Саутгејт.
Англија ја совлада Украина во четврт-финалето со 4-0, за пласман во полуфиналето со репрезентацијата на Данска, на стадионот „Вембли“ во Лондон, в среда. Ова беше најголемата победа на Англија досега на ЕП и нејзина најголема победа во нокаут-фазите на еден голем турнир. Сите знаци покажуваат дека „фудбалот се враќа дома“, асоцијација на слоганот од ЕП 1996, што е своевидна најава за освојување на толку посакуваниот трофеј, само втор во историјата на оваа земја, откако Англија беше првак на Светското првенство (СП) во 1966 година.
– Чудесно е. Уште едно полуфинале по три години, но сакаме да направиме уште два чекора подалеку. Чудесно е за нашата земја, полуфинале на „Вембли“, сите му се радуваат, што е супер. Но не сме задоволни. Ова е многу пријатна вечер за сите нас, но дури и пред крајот на натпреварот размислував за следниот предизвик. Никогаш не сме биле во финале на европско првенство, а тоа е уште една можност да се испише историја – изјави Саутгејт, кој е вториот селектор што ја однесе Англија во две полуфиналиња во низа, откако Англија беше меѓу четирите најдобри и на СП 2018, по Алф Ремзи на Мундијалот во 1966 и на ЕП 1968.

Меѓу најзаслужните за пласманот на Англија меѓу најдобрите четири се напаѓачите, Рахим Стерлинг, кој беше вклучен во постигнувањето на 22 гола на претходниот 21 натпревар за Англија (15 погодоци, седум асистенции), и Хари Кејн, кој учествуваше во 27 гола на претходните 26 меча (18 гола, девет асистенции). Тие постигнаа по три гола на ова ЕП.
– Ќе биде неверојатно. Прекрасни моменти за нас како тим и како нација. Многумина од нас ќе немаат можност повторно да играат голем натпревар на „Вембли“, на голем турнир. Тоа е сега пред нас, голема можност што треба да ја зграбиме со двете раце. Мора да уживаме во тоа, атмосферата на мечот со Германија беше прекрасна, стадионот се тресеше, и јас се надевам дека ќе ја искористиме таа енергија за да ја совладаме Данска – изјави Кејн.
Англичаните продолжија со импресивните игри и резултати на ова ЕП, за што сведочат четирите победи и едно реми, со вкупна гол-разлика 8-0. Џордан Пикфорд ја зачува својата мрежа назатресена на ЕП, што досега не му успеало на ниту еден голман во историјата на ова натпреварување. Англија е во серија од седум меча без примен гол, или 662 минути, најдолга таква серија во нејзината историја. За Англија ова ќе биде петто полуфинале на голем турнир, не сметајќи го ЕП 1968, кога играа само четири селекции на турнирот во Италија. Во првото, на СП 1966, Англија беше подобра од Португалија (2-1) за пласман во финалето и за освојување на првата титула светски првак по мечот со Западна Германија, (4-2). Во следните две полуфиналиња, на СП 1990 и на ЕП 1996, Англија се сретна со Германија, и двете ги загуби на пенали, во Торино (3-4), односно на „Вембли“ во Лондон (5-6). Во полуфиналето на СП 2018 во Русија, Англија загуби од Хрватска, по продолженијата, со 1-2.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Италија – Белгија 2-1
Шпанија – Швајцарија 1-1 (3-1, п.)
Данска – Чешка 2-1
Англија – Украина 4-0

ПОЛУФИНАЛЕ
Италија – Шпанија вторник, 21 ч.
Англија – Данска среда, 21 ч.
двата меча се играат во Лондон, на стадионот „Вембли“
ФИНАЛЕ
11 јули, Лондон, стадион „Вембли“

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести