Герет Саутгејт вчера го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета на двата квалификациски меча против Малта и Македонија, но во давањето образложенија за англиските новинари, селекторот на националниот тим ја опфатил и темата која доста долго се провлекува во јавноста.
Хари Мегваер е незаменлив во стартниот тим на селекцијата на Англија и покрај тоа што е во втор план во Манчестер Јунајтед, меѓутоа Саутгејт посочи дека тој тренд може да се промени доколку ситуацијата остане иста.
Саутгејт „меѓу редови“ му порача на Мегваер дека најдобро за него ќе биде да си пронајде нова средина, или во спротивно ќе го загуби и местото во репрезентацијата.
– Јасно е дека ова не може вака да продолжи. Оваа ситуација не може да трае вечно. Истото важи и за Калвин Филипс од Манчестер Сити. Немаме многу играчи кои можат да играат како дефанзивен играч за врска како Филипс.
– Ако ова се одолговлечи, ситуацијата ќе стане загрижувачка. Ги имаме Марк Гуехи, Луис Данк и Тајрон Мингс како избор за стопери, тие играат добро, но сепак немаат големо интернационално искуство. Сепак, тие се тука и мора да продолжиме да бараме конкуренција на позицијата стопер, – изјави Саутгејт.