ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Општината, во соработка со скопската сообраќајна полиција, санкционираа 263 непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
– Во периодот од 27 февруари до 5 март, со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП „ПОЦ“, отстранети се 127 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „блокатор“, санкционирани се 136 возила што биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници – резиденти на секторот каде биле паркирани, се наведува во соопштението на претпријатието.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање, како што додаваат оттаму, неопходна е поголема сообраќајна култура. Затоа ЈП „ПОЦ“ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар, истакнуваат, со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.