Home » Санкции согласно законот за сите што до ДКСК не пријавиле имот, побара Ковачевски

Санкции согласно законот за сите што до ДКСК не пријавиле имот, побара Ковачевски

by Журнал.мк

Сите оние што не го направиле тоа во законскиот рок, треба да бидат санкционирани согласно законот и согласно процедурите и законите врз основа на кои работи ДКСК. И од тоа никој никогаш не добил заштита, ниту од мене ниту од кој било член на Владата бидејќи сè што е предвидено согласно со закон треба да биде изречено како санкција, одговори премиерот на пратеничко прашање за аферата „Тајни имоти“

Аферата „Тајни имоти“, која опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја објави на почетокот на оваа недела, денеска беше актуелна и во парламентот на седницата за пратенички прашања. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, го праша премиерот Димитар Ковачевски „зошто ги штити функционерите кои имаат непријавен имот“ и дали тој самиот има непријавен имот.

На ова Ковачевски одговори дека секој функционер без разлика од која партија доаѓа, без разлика на која функција е поставен, и без разлика на кое ниво е во државната управа, има должност согласно со Законот за спречување на корупција да достави имотен лист за се она што поседува до Државната комисија за спречување на корупцијата, која потоа јавно го објавува.

„Сите оние што не го направиле тоа во законскиот рок, треба да бидат санкционирани согласно со законот и согласно со процедурите и законите врз основа на кои работи ДКСК. И од тоа никој никогаш не добил заштита, ниту од мене, ниту од кој било член на Владата, бидејќи се што е предвидено согласно со закон треба да биде изречено како санкција“,

рече Ковачевски.

За тоа дали и тој поседува непријавен имот, Ковачевски одговори дека се што поседува го има стекнато низ 22-годишна кариера во приватниот сектор.

„Се што сум работел можете да најдете во секоја биографија што е објавена и сето тоа е пријавено во ДКСК. Вие фабрикувавте една афера, која нема никаква основа, затоа што вашата политичка партија, вашиот претседател и вашиот градоначалник на Град Скопје, се најдовте во средиште на огромна афера која сами си ја извадивте пред граѓаните, во која себеси се обвинувавте кој какви тендери местел во „Водовод“ – Скопје и кој какви вработени вработувал, без ниту една друга политичка партија да ви се меша. Јас тогаш кажав и сега кажувам – врз основа на сите закони во државата, јас побарав од адвокати да постапат во согласност со сите законски одредби во тој дел и поднесено е барање до пратеникот кој јавно зборуваше по прес-конференции невистини да се извини, во спротивно постојат закони за тоа што го зборуваше, да го докаже на суд, а исто така на мое барање, до ДКСКС е доставено се ова што тој го зборуваше, да се провери“,

рече Ковачевски.

Според него, кога се зборува за имоти, ВМРО-ДПМНЕ прво треба да си погледне во сопствениот двор.

„Прашање ми поставува пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, чие седиште е синоним за криминал и за незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните. Со судска пресуда во случајот ‘Талир 2’ е докажано дека дворецот што вреди седум милиони евра, е незаконски криминално стекнат врз грбот на граѓаните, односно со пари украдени од граѓаните. Тоа значи дека тие кои што тогаш биле на власт краделе од граѓаните, правеле имот, се луксузирале и на незаконски начин изградиле објект, додека граѓаните тонеа во сиромаштија и во долгови во време кога минимална плата беше 9000 денари, кога три пати беше помала социјалната помош и кога немаше никаков закон за стечајните работници“,

додаде Ковачевски.
На ова пратеникот Петрушевски реплицира дека селективната правда е многу поголема од неправда, но, како што рече, „кога ќе се ослободи судството ќе има одговорност за сите“.

Од собраниската говорница одговор даде и претседателката на ДКСК Билјана Ивановска која рече дека немаат автоматска – системска можност за проверка на имотот на сите функционери.

„Немаме автоматска системска проверка за сите над 5 илјади именувани функционери. Работиме пеш. Прибирањето на информациите е рачно и тоа парламентот треба да го има предвид. Работиме по план, по наша иницијатива и по пријави. Очекуваме дека софтверот добиен од ЕУ до крајот на годината ќе профунцкионира и дека тогаш во момент ќе можеме да се произнесеме за секој одделен случај. Нашиот регистар се полни со податоци што ги поднесуваат самите раководни лица. Апелирам до функционерите, но и до премиерот и министрите дека сите именувани лица на функции треба должноста да си ја завршат и имотот да го пријават“,

рече Ивановска.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More