-0.2 C
Skopje
Tuesday, October 26, 2021

Само суд не поправа неморално општество

Најчитани вести

Денко Малески

Значи, судиите се криви за сè. Министрите и пратениците, заедно со богаташите, можат секојдневно, колку што сакаат, да произведуваат криминал и други општествени неправди, а за правда се одговорни судиите. Звучи малку шупливо, нели? Спас да бараме само во правниот систем, замисленото островце на чесност во океанот на корупцијата.

Прво, не постои островце на чесност и, второ, проблемот е во океанот на корупцијата. Од Вашингтон и Брисел ни велат дека судиите се под влијание на политиката и треба да бидат независни. Значи судиите се криви!? Зарем сета вина за политичкото влијание врз судовите е кај судиите, а не, на пример, кај политички влијателните, во законодавната и во извршната власт? И каде е гаранцијата дека нема да настрадаат и децата на судијата кога политичарите и богаташите кои имаат моќ и пари да се штитат, меѓусебно се закануваат со „крв до колена“.

Не, работите не се така едноставни како што сакаат да ни кажат партиските водачи во предвечерјето на уште едни избори. Дајте ми ја мене власта на наредните избори и ќе осамне правда. Таква работа не се случи и нема да се случи, сè додека партиските водства не ја разберат длабочината на нашата криза и не седнат на маса да произведат систем на строго контролирана власт. Дотогаш, ќе бидеме исправени пред избор меѓу две или повеќе зла. Зашто кога немаме институционализиран демократски систем на ограничена власт, партијата што ќе победи има неограничена власт. Тука, во таа неограничена власт е изворот на новите неправди и само судската власт не може да не спаси од дефектите на политичкиот систем.

Правната држава не е столче на една ногарка: судот. Таа стои на три ногарки: законодавна, извршна и судска власт. Само поведението на луѓето што седат во трите власти и нивната посветена работа на демократска и правна држава резултира со успех за целото општество. Држава во која трите власти се во еден перманентен баланс на соработка и на взаемна контрола може да го произведе доброто владеење во една земја. Исто онака како што само една партија не може да донесе среќа на едно општество, така и само судот не е доволен. Мислам дека не постои судски систем во светот кој може да ги размрси нашите балкански клопчиња на лични, политички и економски интереси меѓу политичарите, судиите и богаташите.

Што правиме сега, ме прашува докторот од кејот на Вардар кој редовно тренира, мислејќи на најновите снимки што ги илустрираат скапаните односи во нашето општество. Тој простотилак во речник и појава, тој снобизам кој ги навредува чувствата на сите чесни луѓе во земјата кои работат напорно за да обезбедат леб и млеко на масата за своите деца.

Правниот систем на нашата земја нема да може самиот да ги надомести моралните недостатоци на македонското општество, особено оние во политичката сфера и во бизнисот. Тоа мора да биде задача на сите парии, на трите власти и на општеството во целина, како и на образовните институции во кои се формираат идните адвокати и судии. Судот е одраз во огледалото на законодавната и на извршната власт, а сите три на општеството во кое живееме. Конечно, затоа и во снимките се изнаслушавме за корумпирани министри, пратеници, богаташи и, се разбира, судии.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com