16.8 C
Skopje
Monday, June 21, 2021

Само ВМРО-ДПМНЕ остана блокирана

Најчитани вести

Од: Ана Анастасовска

Блокираме поради една причина, да кренеме свест, да го кренеме својот глас за тоа што се случува во позадина, за тоа што Заев и Бучковски го договараат и преговараат, а македонската јавност не знае ништо за тоа. Затоа сме ние тука на улиците да го кренеме гласот, да покаже што стои на масата, дали се преговара повторно за македонскиот идентитет, дали се преговара за нацијата, за културата, за јазикот и каков е тој патоказ, договор или што и да е.

Со овие зборови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски завчера го повика членството да излезе на улица – „За Македонија“. Факт е дека голем дел од членството не го послуша и не излезе, но нејсе.

Важно е дека Мицкоски блокира, а јавноста не е ништо изненадена. Па тој освен да блокира, друго и не знае. Откако дојде на лидерската позиција во партијата, единствено нешто што прави е – блокира. Блокира закони во Собрание, блокира седници, ја блокира европската перспектива на држава, ќе блокирал Преспански, ќе блокирал Договор за добрососедство…

А за што протестира сега Мицкоски? Сигурно и самиот не знае, но во отсуство на понуда за граѓаните, мора со нешто и тој да се занимава. Замислете, дипломатски извори на неговиот сопартиец Милошоски, му откриле дека Заев преку Бучковски, на разговорите во Софија продавал се што е македонско. И сега Мицкоски, заедно со Милошоски, оној де што плачел кога сфатил дека е Бугарин, ќе нѐ бранат од Бугарите и од предавникот Заев. Што предал Заев, што направил, тоа никој не знае. Тоа е само во имагинацијата на Мицкоски.

И разбирливо е тој вака да се однесува, кога нема што да му понуди друго на членството. Ете се ближат локални избори, а јавноста од Мицкоски не може да слушне ништо друго освен „Заев“. Заев вака прави, Заев така прави. Никој не вика дека Заев е совршен и дека не прави грешки, но не може вечно само да се критикува, а да не се понуди алтернатива.

Мицкоски никако не може да излезе од груевистичката матрица која го хранеше членството со национализам и го плашеше со федерализации, со бегалски кампови и слично. Наместо тој да се занимаваше со реформи во партијата, да се ребрендираше и да излезеше со конкретна програма и понуда, тој почна да се занимава со клевети и неосновани напади за предавство.

СДСМ се реформираше, се ребрендираше, ги остави зад себе старите кадри и нивните политики и тргна напред. Ахмети, кој во јавноста важи за човек на кој само „тендерите му се битни“, исто така одлучи ДУИ да прерасне во зелена партија, да се европеизира. Само ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски тапка во место и се уште сее ветар и магла. Наместо европска, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде типична балканска партија. Да се надеваме дека Мицкоски навреме ќе се освести и ќе му стане на Заев вистински политички опонент, бидејќи видовме како со слаба опозиција, Груевски не тероризираше 10 години. На народот му се потребни европски идеи и понуди. Ако Мицкоски не сфаќа, сигурно има некој во партијата кој ќе го разбере тоа и ќе крене рачна.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести