22.8 C
Skopje
Saturday, July 31, 2021

„Самоопределување“ на Курти со освоени 48 отсто од гласовите победник на изборите во Косово

Најчитани вести

Движењето „Самоопределување“ со освоени 374.913 гласови, или 48,17 отсто од преброените гласови, е победник на вонредните парламентарни избори што се одржаа вчера во Косово. Демократска партија на Косово која што долги години ја предводеше Хашим Тачи освои 17,35 отсто од гласовите, додека досегашната владејачка партија Демократска лига на Косово на Авдула Хоти доби 13,18 отсто од гласовите, покажуваат резултатите објавени на веб-страницата на косовската Државна изборна комисија.

Алијанса за иднината на Косово што долги години ја водеше Рамуш Харадинај на вчерашните избори освои 7,42 отсто, додека Српската листа блиска до српскиот претседател Александар Вучиќ обезбеди 5,24 отсто од гласовите и ги освои 10-те загарантирани места за српското малцинство во косовскиот парламент.

Кандидат за иден премиер на Косово од движењето „Самоопределување“ е Албин Курти, кој по прогласувањето на изборната победа изјави дека неделните избори во Косово биле референдум за правда, додека дијалогот со Србија ќе биде петти или шести приоритет за новата влада.

Курти уште за време на изборната кампања им посочи на гласачите дека во новиот мандат како премиер ќе им даде предност на ставањето крај на непотизмот и на борба против корупцијата, заедно со воспоставувањето праведност и отворањето нови работни места во Косово.

Инаку, Албин Курти од февруари до јуни 2020 година ја предводеше косовската влада, но мораше да замине од власта откако Демократската лига на Косово на Авдула Хоти пронајде други коалициски партнери и ја презеде власта.

Досегашната владејачка партија на Авдула Хоти и Демократската партија на Косово предводена од Енвер Хоџај го признаа изборниот пораз и му ја честитаа победата на движењето „Самоопределување“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести