Три недели по средбата во Вашингтон, американскиот сенатор Марфи во Скопје со порака до пратениците да преземат чекори за пристапување на земјава кон ЕУ. Тој истакна дека иако одлуката е тешка, можноста за напредување кон ЕУ не треба да се пропушти. Марфи предупреди дека поинаква одлука за уставните измени ќе влијае и на односите со САД.
„Сакам да бидам јасен и за влијанието што тоа ќе го има за односите со САД, ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако реши против овие уставни измени. Тогаш ќе се тргнеме од патот кон Европската унија, а и ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние што сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. Ние сме пријатели. Никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери. Но луѓето во САД, лидерите во САД, ги набљудуваат изборите што ќе бидат направени тука во следниве неколку месеци. И сите тие се надеваат, вашата одлука да биде усогласена со нашите безбедносни мерки преку НАТО и да биде усогласена со нас со слична одлука да се остане на патот на Европската унија“, изјави Кристофер Марфи, американски сенатор.
САД ќе продолжат да ја поддржуваат земјава на патот кон Европската унија, изјави премиерот Ковачевски по средбата со американскиот сенатор.
„Разговаравме за тоа како да ја зајакнеме соработката меѓу Северна Македонија и САД, посебно во услови додека земјата ги прави следните чекори во европската интеграција. Несомнено е дека ни претстои пат со тешки и храбри одлуки. И она што со задоволство можам да го кажам е дека ние на тој пат имаме силна поддршка од САД и од нивните високи претставници. Секое пријателство кое не уверува дека сме на вистинскиот пат е од исклучителна важност за нас како држава“, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Владата.
Американскиот сенатор Марфи со слична порака и на средбата со претседателот Пендаровски дека зацврстувањето на пријателските односи меѓу двете земји ќе зависи од одлуките за продолжување на евроинтеграцијата.