Обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми, давајќи исказ за случајот „Рекет“ пред Вилма Рускоска одговорил на сите прашања поврзани за „Поштенска банка“, но не сакаше да одговори на новинарските прашања дали се точни информациите дека Катица Јанева на понеделничкиот колегиум им се заканувала на обвинителите од Специјалното обвинителство, со зборовите „ако пропаднам јас, пропаѓате и вие“.
-Не би кажал за тоа пиење кафе заедничко со колегите, благодарам… Нема да коментирам детали од средбата, изјави Рустеми.
Рустеми во Обвинителството говорел за состанокот каде според она што го кажа обвинителката Лиле Стефанова, Јанева побарала да се затвори случајот „Поштенска банка“ без затворски казни, но пред медиумите не сакаше да открие детали.
-Јас одговорив и на тоа прашање и сметам дека јасно го објаснив целиот настан во однос на тоа прашање. Толку можам да ви кажам, изјави Рустеми.
Обвинителот од СЈО изрази надеж дека дадениот исказ ќе помогне во расветлување на случајот „Рекет“, велејќи дека немал никаков притисок за што треба да зборува пред Рускоска.
-Сметам дека мојот исказ ќе придонесе за развој на истрагата, во делот на настаните поврзани со предметот „Поштенска банка“. Тоа можам да ви го кажам околу податоците зошто сум дојден во Обвинителството за организиран криминал, изјави Рустеми.
Пред Рустеми во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, исказ дадоа и обвинителките од СЈО, Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, а најповиканата обвинителка во овој случај Катица Јанева тоа ќе го стори во вторник во 10 часот.
За „Рекет“ осомничени и притворени се Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милески познат како Зоки Кичеец.