„Ролинг стоунс“ го најавија новиот албум на прилично необичен начин – со оглас во весник. Сегашните членови, сега во нивните 70-ти и 80-ти години од животот, го избраа лондонскиот весник „Хакни газет“ за да објават детали за албумот.
Рекламата на прв поглед изгледа како обично известување за нова продавница. „Хакни дајмондс, специјалисти за поправка на стакло, отворање во септември 2023 година“, вели известувањето на третата страница од весникот. Под тој текст, следи описот:
„Нашиот тим ви ветува задоволство („satisfaction“). Кога ќе речете – дајте ми засолниште („Gimme Shelter“), ќе ви ги поправиме искршените прозорци“, стои во објавата, меѓу другото.
„Загатката“ со зборови од познатите песни на „Ролинг стоунс“ вели дека ова е всушност најава за нивниот 31-ви студиски албум.
Така, претпоставките говорат оти „Хакни дајмондс“ („Hackney Diamonds“) е всушност насловот на новиот албум. Ова би бил прв ваков материјал на рок-составот по речиси 20 години – последниот беше „A Bigger Bang“ од 2005-та година.
Новиот албум ќе биде и првиот без тапанарот Чарли Вотс, кој почина во 2021-ва година.