Инцидентот помеѓу фанови на Динамо Загреб и АЕК во Атина кој заврши со еден смртен случај придонесе мечот помеѓу овие два клуба да биде одложен, а тензиите се големи, па за Хрватите деновиве не е безбедно да бидат во Атина, особено не меѓу навивачи на АЕК.
Полицијата поради страв од можна одмазда, морала да организира посебна рута за безбедно заминување на фудбалерите на Динамо од грчката престолнина. Тие со полициска придружба биле испратени по посебна рута, и тоа не до главниот аеродром во Атина, туку до еден помал, каде што ги чекал авион за чартер-лет.
Голем број полицајци го обезбедувале и хотелот во којшто биле играчите на Динамо, а исти вакви мерки ќе се преземат и за десет дена, кога Модрите пак треба да гостуваат во Атина за реваншот, со оглед на тоа дека е договорено првиот меч да се игра во Загреб.