0.8 C
Skopje
Saturday, January 28, 2023

Римац: За 15 години сите автомобили ќе бидат на струја, нема да имаат волан и нема да се купуваат

Најчитани вести

Компанијата „Римац автомобили“, основана од хрватскиот претприемач и иноватор Мате Римац, неодамна објави дека стана мнозински сопственик на познатиот француски производител на автомобили „Бугати“.

Нов дом на „Бугати“ ќе биде кампусот „Римац“ во Хрватска, а групацијата се дели на две компании: „Бугати Римац“ и „Римац технологија“.

– „Бугати“ има 110-годишна историја и традиција, отсекогаш била позната како врвна компанија, како пред Втората светска војна, така и сега. Групацијата „Фолксваген“ инвестира повеќе од милијарда евра во „Бугати“. Најголемата компанија во Европа, „Фолксваген“, да ѝ даде таква доверба на мала компанија во Хрватска која не постоеше до пред 12 години, и првпат во историјата да издвои еден бренд и да ни го дадат нам, мислам дека тоа кажува многу – рече Римац за Хрватската телевизија.

На прашањето како дошло до сооднос 55 отсто и 45 отсто, Римац вели дека преговорите почнале пред 2 години.

– На состанокот, шефот на стратегијата на „Фолксваген“ ми спомена: – Што мислиш во врска со тоа ти да го преземеш „Бугати“? Мислев дека се шегува и воопшто не обрнав внимание. Неколку месеци подоцна ми се јави и ме праша дали размислив за тоа. Тогаш сфатив колку е сериозно и сфатив колку има смисла и колку е „вин-вин“ и за „Фолксваген“, и за нас, и за „Бугати“. Соодносот 55 и 45 отсто излезе врз основа на евалуација каде што се проценуваше вредноста на производството на наши автомобили, а тоа е одделна работа од производството на компоненти за други производители. Тоа се две одделни компании. Тогаш со процена на „Бугати“ дојде до тој сооднос. Ни беше важно ние да го имаме управувањето. Тие се зад нас како кумови, но ние ја имаме менаџерската моќ, па ни беше важно да можеме да завршиме поголем дел од работата во Хрватска и тука да биде седиштето – вели Римац.

Проект робокација

Тој го коментираше и проектот робокација, кој е вклучен во владината програма.

– Станува збор за посебен проект и одлучивме да го работиме тоа во последните три години целосно под радарот. Дури и нашите вработени, кои не се директно вклучени, не знаат за овој проект. Одлучивме да го направиме тоа затоа што има многу најави во оваа област, многу компании зборуваат за нешто и никогаш не го реализираат. Одлучивме први да го направиме тоа, па потоа да го покажеме. За жал, некои полуинформации излегоа за проектот преку тој план за закрепнување. Ова е проект во кој ние и нашите инвеститори ќе инвестираме стотици милиони, ако не и милијарда евра во Хрватска. Проектот сè уште не е објавен, а ќе го направиме тоа во текот на оваа година и почетокот на наредната. Мислам дека сите ќе бидат воодушевени кога ќе видат што правиме, ќе биде нешто ново од глобални размери. Сакаме прво да го завршиме, а потоа да го покажеме – најави Римац.

– Што се однесува до европските пари, разговараме. Имаме капитал од нашите инвеститори и вложуваме стотици милиони евра, инвестираме во нови технологии и во производство и тоа е единственото нешто што може да повлече европски средства. Го имаме потенцијалот, досега плативме 20 милиони евра во државниот буџет, а добивме 2 милиона евра од државниот буџет. Тоа значи дека плаќаме десетпати повеќе отколку што добиваме, така што европските средства се само некаков разговор и ништо не е договорено – вели Римац.

Во интервју за „Нова ТВ“, Римац објасни каде и што ќе се произведува, но и зошто. И покрај многубројните повици од странство, тој одлучи да остане во Хрватска.

– Кога пред 12 години ја основав компанијата, ако некој ми кажеше дека ова ќе се случи, немаше да му верувам. Сепак, ја основав компанијата со идеја да направам нешто големо. Има одлични резултати, над 1.000 вработени, партнери ни се „Порше“, „Хјундаи“, „Фолксваген“, а сега го презедовме „Бугати“. Сепак, уште мислам дека сме на почетокот на нашето патување – вели Римац. На прашањето каде е крајот, тој вели дека нема крај.

– „Порше“ постои 70 години, „Бугати“ постои 110 години. Велиме дека не гледаме ниту на краток ниту на среден рок, туку на многу долгорочен план и сакаме да создадеме компанија што ќе постои 100 години – вели тој.

Седиштето на компанијата останува во Хрватска

– Седиштето и развојот на „Римац“ и „Бугати“ ќе останат во Хрватска. Тоа е најважниот, најклучниот дел од компанијата. Целиот развој на идните модели на „Бугати“ и на „Римац“, вклучувајќи ги и погонските системи, ќе бидат во Хрватска – вели тој и додава дека поголемиот дел од производството и активностите на компанијата ќе бидат во Хрватска, а во Франција ќе се склопуваат автомобилите.

На прашањето зошто никогаш не заминал од Хрватска, тој вели:

– Сакав да докажам и покажам дека е можно да работам овде и направив сè за да останам тука. Многу пати бев пред заминување. Не е толку до државата, туку фали цел екосистем. Нема инвеститори, нема фондови. Можеби сега има, но кога почнав – немаше. Светските медиуми пишуваат за преземањето на „Бугати“, а на насловните страници се вели дека „Бугати“ сега станува хрватски – вели Римац, додавајќи дека е горд што останал тука.

На прашањето како ќе изгледаат автомобилите за пет години, Римац вели дека до 2030 година речиси сите автомобили ќе станат електрични, а за 10-15 години предвидува дека автомобилите нема да имаат волан и нема да имаат сопственици, туку луѓето ќе ги користат како услуга за превоз од точка А до точка Б.

– Тоа целосно ќе го промени општеството, а не само автомобилската индустрија – вели Римац.

На прашањето дали државата треба да помогне во вакви проекти, Римац вели дека државата тука не е клучна.

– Мене не ми помогна и тоа не ми пречеше. Досега плативме 20 милиони евра данок, добивме 2 милиона евра субвенции од Хрватска. Конечно добивме земјиште за изградба на кампус, додека сите други земји се тепаа да работиме кај нив – вели тој.

Римац смета дека на Хрватска ѝ недостига проактивност и изведба. Со неговиот пример, сакал да покаже дека не само што Хрватите можат да останат тука, туку и дека луѓето од целиот свет можат да дојдат тука и да ја наречат Хрватска свој дом.

– Сакам да создадам услови за што повеќе луѓе од дијаспората да се вратат тука – вели тој.

Даде коментар и за вселенската трка помеѓу богатите. Вели дека ја следи ситуацијата со интерес и дека имал понуда од клиент да одат заедно на Месечината, но ја одбил.

– Повеќе би сакал да останам тука. Веќе имам доволно предизвици тука – вели Римац.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести