21 C
Skopje
Friday, May 14, 2021

Рибата смрди од главата

Најчитани вести

Од: Мирјана Најчевска

Мислам дека меѓу многу други работи кои во квази-демократизацијата на нашата држава редуцирана на празни пароли, и во квази-владеењето на правото сведено на надриписарство, и квази-борбата со корупцијата која се истрошува со настапи на некое уфирцано министерче (и се разбира запленување путер со изминат рок), се потполно погрешно разбрани и уште попогрешно имплементирани, се изгуби и значењето на автономијата на Универзитетот.

Раководните структури на УКИМ автономијата ја помешаа со самовластие, со потполна неодговорност и со непочитување на законите (до апсурдното ниво член на Сенатот на УКИМ да соопшти јасно и гласно на седница на Сенатот, дека почитувањето на правото е преценето и дека ја убива креативноста на решенијата кои може да ги донесе Сенатот).

Најголемиот бисер на ова самоволие спакувано во целофан на квази-автономија е отсуството на контрола на трошењето на парите на Универзитетот од страна на Ректорот и неговата камарила.

Спротивно на Законот за високо образование, Ректорот прима неколку плати, додатоци и парични средства кои сам си ги доделува.

Спротивно на укажувањата на Комисијата за спречување и заштита од корупција, Ректорот не се откажа од нелегалните активности (или, го воспостави принципот на стекнати права карактеристичен за кралските и благородничките лози).

И како врв на сè, тој одбива да даде било какви побарани податоци кои се однесуваат на парите кои по различни основи сам на себе и на најблиските соработници ги доделува од средствата на Универзитетот.

Барањата на НАкС за соодветни податоци од оваа област, беа игнорирани, па манипулирани, па изиграни.

Во моментот кога Агенцијата за слободен пристап до информации по барање на НАкС побара од Универзитетот да ги дадат бараните податоци, што мислите, што се случи? Универзитетот ја испочитува оваа одлука на Агенцијата? Не. Универзитетот (т.е. Ректорот) поведе управен спор против Агенцијата затоа што се дрзнала да му нареди на Ректорот да даде податоци за тоа колку пари си доделува самиот на себе и на најблиските соработници од парите на Универзитетот.

За разлика од оваа нахалност на Ректорот на УКИМ, на пример, Владата на РС Македонија, во слична ситуација, постапи по барањето на Агенцијата и ги достави на барателите сите информации за сите исплатени хонорари како јавен податок.

Заклучок, нешто е многу труло на УКИМ.

Толку е труло што УКИМ се обидува да донесе и етички кодекс со кој ќе се забрани поставување вакви прашања во иднина, со кој ќе биде казнет секој кој ќе се осмели да укаже на прекршување на законите од страна на раководството и со кој Ректорот ќе добие позиција на самопрогласен крал кој располага со парите на Универзитетот без ничија контрола.

Да се потсетиме, автономијата на Универзитетот е заради слободата на мислата и слободата на истражувањето и слободата на изразувањето, а не за заштита на криминалот и корупцијата и неодговорноста.

И автономијата, во никој случај не е самоволие и севластие.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести