16.8 C
Skopje
Monday, October 3, 2022

Рехабилитацијата на пистата на скопскиот аеродром почнува на 28 март и ќе трае 50 дена

Најчитани вести

Како дел од инвестицискиот план за проширување и реновирање на македонските аеродроми, почнувајќи од 28 март до 16 мај годинава, во период од 50 дена, ТАВ Македонија ќе врши рехабилитација на пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје.

Од компанијата информираат дека за оваа цел, авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, во текот на тој период, ќе се одвива од 17 часот попладне до 9 часот наутро, секој ден.

Градежните работи за рехабилитацијата, ќе се изведуваат без затворање на аеродромот и со минимално влијание врз авиосообраќајот.

„Рехабилитацијата на пистата значи дека практично ќе го обновиме горниот слој на асфалтот на пистата, па затоа, во текот на овој период, меѓу 9 и 17 часот, од 28 март до 16 мај, на пистата ќе се изведуваат градежни работи. Секој ден, во споменатиот временски период, ќе се рехабилитира еден дел од вкупната должина на полетно-слетната патека, со цел аеродромот да остане оперативен, односно, да можеме нормално да ги опслужуваме летовите во текот на останатиот период од денот. Би сакал да го нагласам следново – скопскиот аеродром нема да биде затворен за време на рехабилитацијата на пистата. Аеродромот ќе биде отворен за патници 24/7, како и секогаш. Како и во текот на целиот период за време на ковид-пандемијата, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродром 3-4 часа пред закажаното време на заминување на нивниот лет, подготвени со потребните документи за патување во однос на ковид, во консултација со авиокомпанијата со која патуваат и со амбасадата на странската земја каде што ќе патуваат“, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје е долга 2.950 метри и е широка 45 метри. Последната реконструкција на пистата на скопскиот аеродром е направена во 1996 година, кога градежните работи се изведувале во поголема длабочина на асфалтот за разлика од сега, кога само горниот, површински слој од асфалтот ќе се рехабилитира. Тогаш, аеродромот бил затворен 2 и пол месеца, а целокупниот сообраќај бил префрлен на охридскиот аеродром.

ТАВ Македонија ги советува патниците редовно да ги следат и проверуваат веб-страниците на авиокомпаниите, со цел да ги видат најновите ажурирања за летовите за нивната сакана дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје во периодот од 28 март до 16 мај 2022 година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com