3.8 C
Skopje
Tuesday, November 30, 2021

Ретроспективна изложба со фантастичните визии на Васко Ташковски во Даутпашин Амам

Најчитани вести

Слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на Васко Ташковски од вечерва 21 октомври (20 часот), ќе бидат претставени во рамките на ретроспективната изложба во Даутпашин амам. Академикот Ташковски е водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот. Неговиот придонес во современата македонска уметност е огромен.

Ташковски е единствен македонски автор кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“, од 1974 година, во издание на Phaidon, а по избор на Вилијам Гаунт.

“Исклучителноста на неговото многуслојно творештво само за себе, но и во конкретното историско опкружување, се согледува во истрајното истражување на надреално фантастичните визии како константен предизвик, определба која постојано ја надградува со нови теми преку кои е препознатлив како единствен сликарски феномен во современото македонско сликарство… Тој се фокусира на човековите излети во космосот, мечтаењата и визијата, бегството од невротичното време во замислени тродимензионални пејзажи најчесто со широк отворен хоризонт со небо и земја во позадината, додека во прв план се поставени структури налик на урнатини, стари храмови, лебдечки егзотични вегетациски оази, во комбинација со биолошко-техницизирани механички структури…“, велат од Националната галерија. Бројката на неговите дела е импресивна околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, графики, сценографии и над 12.000 идејни скици.

Ташковски е роден на 31 август 1937 во Нижополе, Битола. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964. Од 1966 до 1991 работи како сценограф во Македонската телевизија. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на бројни награди и признанија, а од 1994 е дописен член во МАНУ.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com