Република во пламен

0

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Не сум сигурен кој би бил логичниот одговор на прашањето како, после десетици запалени автомобили само оваа година во Штип, да не може да се открие кој ги пали возилата? Истото се однесува и на организираното палење, за една ноќ, на десетина пластични контејнери во Скопје – како е можно веќе утрината да немаме приведени и осомничени за таков тежок и опасен вид на вандализам, со значителна материјална штета?

Подготвен сум вака, „од ракав“, да ви гарантирам дека во град од големината на еден Штип, на пример, постои непишан, но комплетен и јавно ажуриран каталог за тоа кој кому му е швалер или швалерка… кому нивата му родила 30, а кому 300 килограми домати… кој кому колку му должи за свадба, за крштевка или за коцкарски долгови… кој до каде е со студирањето, со иселувањето или со мажачката и женачката… и, се разбира, кој како ќе гласа на следните избори, а и зошто…

Па, како, побогу, да не се знае кој може и од кои причини сака да запали нечиј автомобил – и така 30-40 пати по ред?!?! Не е белки сите доушнички мрежи на полицијата само пастрмајлии да јадат и ракии да пијат по штипските кафеани, без да си ја вршат работата за која се регрутирани и за што им го плаќаме ручекот?!

Истото важи и за организираното палење на скопските контејнери. Најпроста дедукција, малку истражителско „улично“ искуство и само неколку часа чепкање по постоечките кривично-правни архиви, кругот на сомнителни ќе го сведе на само неколку можности: или зад тоа стои некаква изопачена политичка мотивација; или некои радикали за ранење мачки од контејнери поминале на страната на анархистичката методологија за рушење на правниот поредок; или таа ноќ се пуштил во промет некој од познатите локални налудничави пиромани… Толку е, нема друга можност. Па, колку часови му треба на кое било криминалистичко одделение по овдешниве полициски станици да ги откријат изведувачите на овие груби акти на насилство?

И, сепак, ништо не се случува, ни во Штип, ни во Скопје… До следното палење.

Мала дигресија: Во првите денови од мај 2015 година, некаде околу еден часот по полноќ, со прерипнување на двометарската ограда од страна на пироманите (најмалку двајца) и со ставање на експлозивно-запалива направа под возилото, беше комплетно опожарен автомобилот паркиран во дворот на нашата семејна куќа во близината на Скопје. Благодарејќи на брзата интервенција на една од скопските противпожарни бригади се избегна поголема катастрофа која лесно можеше да ги зафати и нашата и соседните куќи. Штетата се мереше во неколку десетици илјади евра…

Буквално сите увидни полициски екипи тоа деноноќие – од првата полноќна патрола, преку криминалистичките инспектори утрото, до оние кои направија стручна форензика за подметнатиот пожар во раните претпладневни часови следниот ден – со загрижен тон и во доверба ми порачуваа: „Г-дине Орданоски, знаете од кого ви е овој поздрав, нели?!“

Такви беа тие времиња… 2015… Неколку години потоа се обидоа и Собранието да го запалат.

По игра на случајот, оној од кого би требало да ми беше испорачан тој „поздрав“ таа мајска ноќ, кога им завршија обврските да владеат во земјава, во една патемна прилика ми се колнеше и ме уверуваше дека тој со палењето на автомобилот нема никаква врска. Нејсе.

Но, поентата ми е во нешто друго: Од 2015 година до денешен ден не сум викнат никаде и од никого за да бидам „надлежно“ информиран дали се води каква било истрага и дали има какви било резултати од неа! Ни лук јале, ни лук мирисале.

Поука? Слободно палете и автомобили и контејнери, а може и со згради да почнете, бидејќи овде ниту некој некого гони, ниту некој одговара и за тој вид на опасен криминал.

Важно е датум за преговори со ЕУ да добиеме!