Расте тензијата во Западна Африка. Секоја воена интервенција против Нигер, ќе се смета како објава на војна против Буркина Фасо и Мали. Во заедничката изјава на преодните влади, меѓу другото, осуда и за економската заедница која даде ултиматум од седум дена за враќање на уставниот поредок.
„Осудете ја упорноста на регионалните организации да применуваат санкции кои ги влошуваат страдањата на населението. Одбијте да ги применувате овие незаконски и нехумани санкции против нигерискиот народ и власти. Секоја воена интервенција против Нигер ќе се смета како објава на војна против Буркина Фасо и Мали“, изјави Абдулае Маига, државен министер за територијална администрација и децентрализација, хунта во Мали.
Претходно, Западот го осуди државниот удар, ЕУ воведе санкции, а Франција беше обвинета дека сака воено да интервенира во земјата. Француската министерка за надворешни работи, ги негираше обвинувањата.
Соборениот претседател на Нигер, Мохамед Базум за прв пат е виден откако војската го приведе за време на државниот удар изминатата недела. Базум е фотографиран покрај претседателот на Чад, Махамат Деби, кој пристигна во Нигер да посредува меѓу владата и хунтата.