23 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Распретување на ѓубриштето

Најчитани вести

Од: Златко Теодосиевски


Кога ѓубриштето ќе почне да се распретува, се случува – голема смрдеа! И, интересно, големата смрдеа почнува да се случува баш во културата, онака како што и јас очекував, пишував, се залагав… Иако, се разбира, тоа не го гледам како некаква моја заслуга, напротив, туку како краен час конечно да се крене гласот – или, да се распрета ѓубриштето! – за да полека почне да престанува и смрдеата. Полека да се доближуваме до еколошка култура, поим којшто го предлагам како нов синоним за македонската култура денес и утре, наместо сето она што со децении се таложело како отров, како ѓубре, како контаминација на културниот простор којшто понатаму шири реа несвојствена за еден таков возвишен ареал. Другите простори ќе мора да си ги чистат другите. Или нека си ги остават такви какви што се, ако (се’ уште) не им „мирисаат“ толку многу!

Сакам да кажам дека нема подобар демант контра една теза којашто (и) јас со години ја повторувам, а тоа е молкот на културата како алиби за власта – секоја власт, па и оваа – да го прави тоа што го прави/правела во културата. Молкот е секогаш одличен „аргумент“ дека состојбите се ок, луѓето се задоволни, можеби има проблемчиња но нема големи потреси… И сега, одеднаш, доаѓа некаков „проглас“, петиција, барање… (или не знам како точно го нарекуваат потписниците) на оние 260 културни работници, којшто де факто не е ништо друго туку зачеток на формација којашто може да се нарече еколошка културна бригада, или нека е само група свесна дека таа сепак е фактор во културата, дека политиката не е „културна категорија“, дека министрите не се од Господа дадени семожни решенија чии зборови се слушаат беспоговорно а постапките се поздравуваат со акламации. Ќе треба да се потрошат многу часови и да се направат сериозни анализи зошто токму сега еден ваков „протест“, зошто не порано, зошто не во поглед на некои (условно) покрупни проблеми, да не речам потреси, во културата. Ние, секако, нема да ги направиме тие анализи, како што не направивме ни многу други. Но сеедно, протестот, или прогласот, ќе остане, а и потписниците, се надевам, ќе бараат одговор(ност?)!

Оттука, краен час е насобраното ѓубриште самите да почнеме да го распретуваме за да најдеме цврста, стабилна почва на којашто може да се згазне. Зашто инаку, ѓубриштето, напластувано со децении од нашава локална Гомора секојдневно „тоне“ и (не’) влече со него во некоиси адски длабочини. А таму не сакаме да бидеме. Барем така велиме. Потоа, откако ќе застанеме на цврсто тло, распретувањето ќе мора да биде заменето со расчистување – упорно, систематско, долгорочно чистење на сиот талог што со децении ја загадувал земјава. Може и со онаа еднаш најавена па заборавена метла! Но и со други средства, посилни, поефикасни, ако треба. И само на таква политички, економски, културно, научно, образовно… екологизирана почва може да се почне одново: внимателно, чекор по чекор, „садница“ по „садница“, користејќи опробани европски рецептури коишто пријателски настроени луѓе од ЕУ одамна ни ги сугерираат ама ние се правиме на Тошо. Или, со други зборови, тоа – повторно! – е оној макотрпен процес со друго име наречен РЕФОРМИ, оние истите коишто, еве, повторно ни ги спомнува и новиот француски амбасадор. Онакви, на пример, каквишто се најавуваат за судството. Зошто само судството би било така „привилегирано“? Зошто тоа не би одело во пакет со културата, на пример, заради многу причини, ама една – најголема: културата односно државава во културата веќе најавила и направила сериозна Метла. Таа се вика Национална стратегија за развој на културата во РМ во периодот 2018-2022 година.

Зошто сите одбиваат да ја (ис)користат? Кога ќе го имаме одговорот на тоа прашање можеби ќе знаеме и каде, и како ќе ни се движи културата во наредната деценија. Зашто, тој важен процес на распретување а потоа и чистење на културниот талог и Гомората во неа не може да започне без државна поддршка. Тој иницијален поттик е незаобиколлив, дури пресуден, за да и културата види дека конечно дошла на дневен ред. Ама дошла – сериозно, не со фалш разместувања и преместување, не со фингирано бришење прашина од главите на умислените ни „великани“ туку со онаква железна четка за чистење р’ѓа од железо. Зашто железото викано македонска култура веќе не е тоа што беше, не е воопшто ниту железо туку е некаква криминална имитација на псеудометал свитлив на најмал притисок и топлив и на ниска температура! Железо што личи на железо ама не е железо. Како и оној мермерон на азилантот! Ние дојдовме до точка кога група невладини бараат од Владата да ги почитува законите (sic!) во поглед на „случајот Охрид“, истата група невладини да се жали дека со недели чека да го добие фамозниот УНЕСКОв Извештај за Охрид од Министерството за култура и Општината Охрид, итн, итн. Сега – прогласов! Немањето на јавен дијалог фактички е блокада на демократските процеси во државата, присвојување на нејзините ресурси, надлежностите и институциите само од една страна – од власта, или поединци во неа – без право на јавноста да даде свое мериторно мислење/став за процесите и проблемите во државата за која и да е област, дури и за највиталните: здравството, образованието, екологијата, културата… Наспроти тоа подметнати ни се социјалните мрежи како сурогат, како замена на тој јавен дијалог на граѓаните (вклучувајќи ги тука сите сегменти што најшироко ги опфаќа овој поим!) и власта. Е па, очигледно е дека барем културата не сака така да „коминицира“!

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести