Заедничката акција на полициските сили во дури 11 држави доведе до апсење 33 лица осомничени за малтретирање деца, прикажување, добивање и поседување порнографски материјал и искористување малолетни лица за порнографија.
Во Шпанија се уапсени 17 лица, меѓу кои има и малолетници, кои на апликацијата „Вацап“ во група споделувале порнографски фотографии и видеа во кои се вклучени деца.
На некои снимки се прикажани силувањата на многу мали деца, од кои најмладите имале само неколку месеци, а најстарите имале 12 години.
Две лица се уапсени во Уругвај. Меѓу нив е и мајка, која е осомничена дека сексуално ја малтретирала својата ќерка и снимала сè, а потоа ги праќала снимките во група.
Полицијата исто така уапсила маж (29), кој ги охрабрувал членовите на групата да им се јавуваат на девојчиња и потоа да испраќаат материјали.
Шпанската полиција ја следи оваа група веќе две години, а во истрагата се вклучени Европол и Интерпол.
Покрај Шпанија и Уругвај, апсења имало и во Велика Британија, Перу, Индија, Италија, Франција, Пакистан и во Сирија.