Home » Радиоактивен облак ѝ се заканува на Западна Европа, предупредува шефот на рускиот Совет за безбедност

Радиоактивен облак ѝ се заканува на Западна Европа, предупредува шефот на рускиот Совет за безбедност

by Журнал.мк

Уништувањето на артилериска муниција со осиромашен ураниум во Украина создаде радиоактивен облак кој се движи кон Западна Европа, тврди секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев.

Обединетото Кралство ѝ достави на Украина ваков тип муниција за тенковите „челинџер“ од британско производство.

Високиот функционер ја откри наводната закана за време на владиниот состанок денеска на кој ги обвини САД дека манипулираат со своите сојузници за да обезбедат „помош“ на другите нации што резултира со нанесување штета на примателите на таа помош.

„САД ѝ ‘помогнаа’ на Украина на овој начин, извршија притисок врз своите сателити да ја снабдуваат со муниција со осиромашен ураниум. Нејзиното уништување резултираше со радиоактивен облак кој се движи кон Западна Европа. Зголемувањето на радијацијата беше детектирано и во Полска.

Во Украина кружат непотврдени извештаи во врска со целта на рускиот напад минатата сабота, при кој Москва рече дека уништила складиште за муниција во градот Хмелницки.

Според тврдењата, воениот објект бил користен за складирање гранати со осиромашен ураниум обезбедени од Британија. Се претпоставува дека материјалот можеби се претворил во прашина од силни експлозии во депото.

Набргу по изјавата на Патрушев, со соопштение се јави руското тело за заштита на потрошувачите, Роспотребнадзор, нагласувајќи дека нивото на радијација во Русија останува нормално.

„Ситуацијата со радијација во нашата земја останува стабилна. Не е откриена причина за вишок на радијација“, соопшти Роспотребнадзор, додавајќи дека врши постојан мониторинг на нивото на радијација во Русија.

Русија претходно предупреди дека употребата на муниција со осиромашен ураниум претставува долгорочна закана за животната средина и за јавното здравје, врз основа на студиите во земји како Србија и Ирак, каде оружјето претходно се користело. Лондон негираше таков ризик.

Иако е слабо радиоактивен, осиромашениот ураниум се смета за здравствен ризик главно бидејќи материјалот е токсичен тежок метал. Честичките од ураниум или ураниум оксид произведени при експлозија може да бидат вдишани од секој што е изложен на нив или да ја контаминираат животната средина.

Полските власти ги негираат тврдењата дека во понеделникот бил детектиран скок во нивото на радијација во источниот град Лублин.

Шпекулациите за експлозијата во Хмелницки беа поттикнати од пријавеното распоредување украински воени патроли кои наводно собирале примероци во и околу градот. Во близина на градот се наоѓа нуклеарна централа, но извештаите тврдат дека патролите што вообичаено ја следат ситуацијата околу објектот биле забележани далеку од нивните вообичаени рути.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More