Home » Путин: Западот сака локалниот конфликт да го претвори во глобален

Путин: Западот сака локалниот конфликт да го претвори во глобален

by Журнал.мк

„Украина и Западот се виновни за војната, а ние користиме сила за да ја запреме“, рече рускиот претседател во годишното обраќање пред парламентот.

„Овој говор го држам во многу тежок контекст, во многу тешко време. Во светот се случуваат големи промени, кои ќе ја одредат иднината на светот и на нашата земја. Пред една година, со цел да го заштитиме нашиот народ во нашите историски територии, решив да почнам специјална воена операција. Чекор по чекор ќе ги постигнеме целите пред нас“, рече Путин во почетокот на својот говор.

„Направивме сѐ за на мирен начин да го решиме конфликтот со режимот во Киев, но зад нашиот грб се подготвуваше сосема поинакво сценарио. Тврдењата на западните лидери беа лажни, тие купуваа време и замижуваа пред политичките убиства и репресијата на киевскиот режим во Донбас“, рече Путин.

„Пред специјалната воена операција, Киев договараше испорака на тешка воена опрема, противвоздушна одбрана, авиони и нуклеарно оружје“, рече тој.

„Кога Русија искрено се обидуваше да најде мирно решение, тие играа валкана игра. Нивните одвратни лаги и лицемерство се видоа во Југославија и Сирија“, рече Путин за западните земји, а потоа додаде: „Испадна дека така се однесуваат и кон сопствениот народ, им кажуваа лаги за мировните договори во Донбас. Тоа беа целосни лаги. Ние инсистиравме на заштита на нашите сопствени интереси“.

„Ниту една земја нема толку воени бази како САД низ светот. Целиот свет е покриен со нивните бази, тие ги имаат стотици“, рече Путин, додавајќи дека Русија бара безбедносни гаранции. „Тие ги одбија нашите барања и беше јасно дека заканата расте. До февруари минатата година сѐ беше подготвено за воена акција во Донбас. Киевскиот режим доби оружје за напад врз Донбас и во 2014 и 2015. Сето тоа беше спротивно на документите што ги прифати Советот за безбедност на ОН.“

„Сакам да повторам: тие се виновни за војната, а ние користиме сила за да ја запреме“, рече Путин во своето годишно обраќање пред парламентот и доби голем аплауз.

„Користат терористи и нацисти и самиот ѓавол против Русија“

„Западот инвестира трилиони долари во војни низ светот. Тие ги користат зборовите како демократија и вредности и го одвлекуваат вниманието од растечките економски проблеми во своите земји. Сакам да ве потсетам дека Западот го овозможи развојот на нацистичка Германија. Тие сакаат да нѐ одвојат од нашата историска територија. Тие го поддржаа пучот во 2014 година. Дури ни кажаа колку пари потрошиле за тоа. Идеолошката основа на таквите потези е русофобијата“, рече тој.

Тој тврди дека украинската армија има нацистички ознаки на нивните тенкови и додава: „Тие тоа не го ни кријат. Не им е грижа затоа што се обидуваат да се борат против нас, против Русија. Тие сакаат да искористат сè, и терористи и нацисти, па дури и самиот ѓавол, против Русија“.

„Со децении ја уништуваа украинската индустрија и поради тоа растеа сиромаштијата и социјалната нееднаквост во таа земја. Го претворија тој народ во топовско месо. Одговорноста за толкавиот број жртви е кај Западот и кај киевскиот режим. Украинскиот народ не е нивен. Тој режим им служи на интересите на странските сили. Украина во моментов е полигон за обука на западните сили“, рече Путин.

„Колку е поголем дострелот на оружјето што го добиваат, толку повеќе ќе мораме да ги потиснеме од нашите граници“, рече тој, а потоа додаде: „Западот сака локалниот конфликт да го претвори во глобален. Ние тоа така го разбираме и ќе реагираме на адекватен начин. Во тој случај зборуваме за егзистенцијата на нашата држава. Тие мора да разберат дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле. Тие ги корумпираат нашите деца и ја искривуваат историјата. Тие се борат против нашата култура и нашата религија. Погледнете што им направија на сопствената култура и децата. Дури и педофилијата е нормална работа на Запад“.

„Погледнете го светото писмо на која било религија, во него се вели дека семејството е заедница на маж и жена. Но на Запад, дури и светото писмо е подложно на сомнеж. Англиканската црква сака родово неутрален термин за бог. Што да се каже за тоа?“, рече тој.

„Мнозинството од рускиот народ ја поддржува операцијата во Донбас“

„Очигледно е дека Западот ќе продолжи со обидите да го дестабилизира нашето општество. Тие ќе ги користат и нашите предавници, кои отсекогаш го мразеле сопствениот народ. Тие се обидуваат да организираат терористички напади, но ние никогаш нема да бидеме како западните режими и режимот во Киев, кој е навикнат да лови вештерки. Нема да ги ловиме оние што ќе ја предадат својата татковина, тие мора да живеат со тоа. Мораме да бидеме горди што сме мултикултурна нација. Мнозинството од нашиот народ ги поддржува нашите операции во Донбас. Во таа поддршка го гледаме вистинскиот патриотизам “, рече Путин.

Тој потоа им се заблагодари на сите групи на општеството што ја поддржуваат војната во Украина, исто како и војниците што се борат во Украина.

„Русија ќе продолжи да расте“

„Посебно сакам да им се заблагодарам на жителите на Донбас, Запорожје и Херсон, вие самите одлучивте за вашата иднина и покрај заканите на нацистите. Одлучивте да бидете заедно со Русија , заедно со татковината. Почнавме и ќе продолжиме да растеме“, рече тој.

„Поради тоа, поради нашите предци, за иднината на нашите деца, за враќање на историската правда – за тоа се борат нашите војници. Сакам да им оддадам почит на сите војници и цивили што загинаа во оваа воена операција“, додаде тој.

„Длабоко се поклонувам пред семејствата и сопругите на војниците“, рече тој добивајќи громогласен аплауз.

„Разбираме дека е многу тешко за сопругите и ќерките и синовите на нашиот воен персонал. Тие ги воспитаа бранителите на Русија. Наша должност е да ги поддржуваме семејствата што ги загубија своите најблиски и да им помогнеме во израснувањето на децата. Секое семејство чиј член учествува во Воената операција заслужува посебна грижа. Предлагам да се формира посебен државен фонд што ќе им помогне на семејствата на загинатите“, рече тој.

„Подготвеноста на нашите нуклеарни сили е на повеќе од 90%“

„Имаме план за создавање воени сили за 2023 година и годината по неа. Работиме на тоа. Ќе ги зајакнеме и армијата и морнарицата. Овие планови мора да ги засноваме на вистинско воено искуство. Подготвеноста на нашите нуклеарни сили е на повеќе од 90%. Офицерите што покажуваат одлучност и интелигенција и храброст, тие мора да напредуваат во воените академии. Мора да го цениме нивниот придонес во одбраната на татковината“, рече тој.

„Ќе продолжиме да ги имплементираме најновите технологии што ќе го зголемат квалитетот на нашата војска. Некои од овие технологии се веќе таму, а некои се подобри од западната воена опрема. Нашата цел е да постигнеме масовно производство на такво оружје. Мораме да направиме сѐ за победа“, рече тој.

„Западот покрена и економска агресија против Русија, но не успеа. Иницијаторите на санкциите се казнуваат самите себеси. Тие предизвикаа колапс на енергетскиот сектор и зголемување на цените. Им порачуваат на своите граѓани дека Русите се виновни за ова“, рече тој, а потоа ги спомна „нападите врз руската инфраструктура“.

„Санкциите се само средство, но целта е да страдаат нашите граѓани. Сакаат да го дестабилизираат нашето општество однатре, но не успеваат благодарение на работата на руските институции. Ја зачувавме стабилноста на економијата, ја зачувавме вработеноста. Ги зачувавме претприемачите. Донесовме пакет мерки во вредност од три трилиони рубли. Тоа не е политика на печатење пари, сето тоа се заснова на пазарни принципи“, рече Путин.

„Тие рекоа дека нашата економија ќе падне за 20-25 проценти. Тоа не се случи“, рече тој.

„Не смееме да ги повторуваме грешките од минатото“

„Не смееме да ги повторуваме грешките од минатото, не смееме да ја уништиме сопствената економија. Ќе продолжиме да ја развиваме нашата економија. Многу домашни сектори на економијата не само што не се намалија, туку и зајакнаа“, рече тој, наведувајќи ги како примери реалната пазарот на недвижности и земјоделскиот сектор.

„Не можевме да предвидиме многу ризици, но брзо реагиравме. Приватните иницијативи одиграа голема улога овде. Не ја регулиравме премногу економијата“, додаде тој.

„Ова не е само време на предизвици, туку и на можности. Нашата иднина зависи од тоа како ќе ги искористиме овие можности. Мора да ги отстраниме сите конфликти во рамките на власта, сè мора да биде насочено кон целта“, рече тој.

Путин зборуваше и за своите планови и амбиции за иднината, особено фокусирајќи се на подобрување на економските врски.

Тој зборуваше за проширување на автопатите од Москва до Казан и со Монголија и Кина, за да се зајакнат врските на Русија со источна Азија.

Путин сака да развие меѓународен коридор на север и југ, кој ќе ги подобри врските со Индија, Иран и Блискиот Исток.

Модернизацијата на железницата и подобрувањето на северните бродски рути се исто така дел од неговите планови, рече Путин.

„Инфлацијата во Русија е многу помала отколку на Запад“

„Благодарение на стабилноста на нашиот банкарски систем, не мора да бараме пари во странство. Гледаме раст во финансискиот сектор и лани и оваа година во споредба со 2021 година. Гледаме развој. Банкарскиот сектор минатата година имаше профит, тој не беше толку голем како во претходните години, но беше значаен“, рече Путин во своето обраќање.

„Инфлацијата во Русија ќе биде многу помала отколку во некои западни земји. Кај нас ќе биде 4-5 отсто, во некои западни земји ќе биде 20-25 отсто“, рече тој.
„Западот сака Русија повеќе да не биде моќен играч на истокот“

„Сакам да напоменам дека се сеќаваме на проблемите што ги имаше поранешната советска економија. Се сеќаваме на проблемите од 90-тите, но потоа земјата почна да создава нова економија заснована на пазарни принципи. Пример ни беа западните земји, но не е доволно да се копира нивниот пример. ЕУ и САД се расправаа за тоа како треба да се развива руската економија. Станавме извозник на стоки, нашите бизниси се базираа на продажба на ресурси, нафта и гас. Парите не се инвестираа во долгорочни проекти“, рече Путин.

„Постигнавме видливи резултати, но сакам да нагласам дека, кога ќе се земат предвид условите во кои се развиваше нашата индустрија, капиталот отиде на Запад наместо да го развива нашето производство и да вработува луѓе во Русија. Подоцна тие почнаа да инвестираат во Русија, но првиот бран беше насочен кон потрошувачката на западните производи. Тие таму си ги образуваа децата, а на државата ѝ беше тешко да го спречи тоа бидејќи имаме пазарна економија“, рече Путин.

„Оние што ја гледаат Русија само како извор на приход и планираат да живеат во странство, виделе дека Западот само ги ограбува. Се шегував со таквите дека ќе одат по западните судови и ќе се обидат да го спасат своето богатство. Ниту еден обичен Русин не жали за оние што ги изгубија своите банкарски сметки и палати на Запад. Сигурен сум дека се сеќаваат на приватизацијата во 90-тите кога богатството на државата премина во нивни раце“, рече тој.

„Западот има цел да ѝ стави крај на Русија, тие сакаат таа повеќе да не биде моќен играч на Истокот. Тие сакаат сопствениците на големите бизниси во Русија да бидат зависни од Западот, ние не можеме да го толерираме тоа“, рече тој.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk