15.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022

Процесот меѓу Скопје и Софија на ниво на размена на идеи, очекувања за конкретни резултати наскоро

Најчитани вести

Скопје и Софија продолжуваат со интензивни разговори во рамки на работните групи со цел подобрување на соработката помеѓу граѓаните и институциите на двете држави, но процесот засега е ниво на размена на идеи и сѐ уште не постои заемено прифатлив документ. Ова во интервју за МИА го потврди премиерот Димитар Ковачевски, додека во исто време бугарскиот амбасадор во Тирана, Момчил Рајчевски најави дека наскоро може да се очекува работните групи да постигнат конкретни резултати.

Ковачевски во интервјуто за МИА, дадено на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, посочи дека е човек којшто верува во целта, меѓутоа и работи да ја оствари таа цел.

– Ние уште на почетокот на мандатот на оваа Влада и тоа на првиот работен ден практично имавме средба со премиерот на Бугарија и потоа отпочнавме процес на формирање на работни групи, во различни области од економија, инфраструктура, култура, образование, европски интеграции, коишто значат многу за деловната заедница, за образовната заедница и воопшто за сите граѓани на теми коишто гледаат кон иднината, коишто го подобруваат и работењето во соработката помеѓу граѓаните и помеѓу институциите на двете држави. Министерствата за надворешни работи работат на политичките прашања. Меѓутоа во моментов, како и во изминатиот период процесот е на ниво на размена на идеи и сѐ уште не постои заемено прифатлив документ, којшто би можел да биде споделен за одобрување во двете држави на ниво на институции коишто тоа треба да го направат, истакна Ковачевски.

Тој посочи и дека во светло на случувањата во Украина и воената агресија на Русија врз оваа земја, проширувањето на Европската Унија со земјите на Западниот Балкан повеќе не е веќе прашање само на проширувањето, туку претставува и геостратешко прашање.

Сепак, премиерот додава дека е неблагодарно е да се прогнозира како случувањата во Украина ќе влијаат на процесот на евроинтеграција на регионот и пред се на брзината на приемот на земјава во Европската Унија.

– Декларативно Европската Унија сака да го забрза тој процес. Исто така, и сите изјави на претставниците на САД се во таа насока. Сепак, пред нас има предизвик и отворени политички прашања со соседна Бугарија, коишто треба да се решат прво, а секако да се решат во духот на европските вредности и потоа можеме да зборуваме за одржување на прва меѓувладина конференција, додаде Ковачевски во интервјуто за МИА.

Бугарскиот амбасадор во Тирана, Момчил Рајчевски вчера за време на посетата на албанскиот град Корча, истакна дела Бугарија е во период на многу интензивни разговори со Северна Македонија.

– Бугарската Влада формираше 10 работни групи кои работат за заеднички интерес и очекуваме наскоро да постигнат конкретни резултати, изјави Рајчевски, посочувајќи дека Бугарија била и ќе остане еден од најактивните поддржувачи на европското проширување.

Во врска со изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека ќе побара од Европската Унија одвојување на евроинтеграциските процеси на Албанија и Северна Македонија, со оглед на бугарско вето кое го блокира стартот на преговорите за членство, Рајчевски рече дека не би сакал да ја коментира ваквата најава.

– Што ќе бара Албанија е одлука на Република Албанија. Не можам да коментирам кога станува збор за условите, но повторно велам дека Албанија си ја заврши својата работа, рече бугарскиот амбасадор.

Рама во четвртокот изјави дека не е оптимист оти Бугарија наскоро ќе го укине ветото за старт на преговорите за земјава и затоа Албанија ќе побара да ја продолжи кандидатурата за членство одвоено од Северна Македонија. – Албанија не може повеќе да чека додека двајцата соседи не ја решат својата кавга, рече Рама, додавајќи дека Тирана има добри односи и со двете држави.

По полемиката во Бугарија што ја предизвика лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов, кој во објава на Фејсбук го обвини бугарскиот премиер Кирил Петков дека сака почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на јуни, без никакви законски гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјата и дека своите постапки ги прави без координација со бугарското МНР, коалициските партнери и Народното собрание, вчера се огласи и опозициската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Бојко Борисов, која побара бугарскиот претседател да свика ново заседание на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) за да се разјасни позицијата на Софија кон земјава.

– Можеби е време за нов КСНС за да се разјасни позицијата на Бугарија кон Република Северна Македонија. Мора да имаме заеднички став. Се гледа дека има некакво колебање и сигналите што ги испраќаме кон надвор не се добри, изјави заменик-координаторот на Пратеничката група на Граѓани за европски развој на Бугарија и Сојузот на демократските сили, Тома Биков за Бугарското национално радио.

Биков е дециден дека нема промена на бугарската позиција кон Северна Македонија, додавајќи дека ако „некој тврди поинаку, си дозволил да лаже“.

– Тоа ќе одрази на патот на Република Северна Македонија кон ЕУ, за кој сите партии велат дека го поддржуваат, доколку Северна Македонија исполни одредени услови, изјави Биков, додавајќи дека ако дошло до промени во бугарската позиција, тој што го сторил тоа го минирал процесот на проширување на ЕУ, кој е „многу поважен од тоа дали Бугарија ќе ја пушти Република Северна Македонија“.

Од друга страна, предавачот и виш соработник во Школата за напредни и меѓународни студии при универзитетот „Џон Хопкинс“ од Вашингтон, Едвард Џозеф во разговор за МИА посочи дека иако војната во Украина е над сите приоритети на САД и ЕУ, мора да се направат напори да се надмине блокадата на Софија за евроинтеграцијата на земјава.

– Со војната, САД и ЕУ треба да станат посериозни во однос на тоа што се дозволува постоење на такво неоправдано и деструктивно вето. Бугарија го негира напредувањето во ЕУ, како на Северна Македонија, така и на Албанија, нешто кое Скопје и Тирана заслужено го заработија, изјави Џозеф.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com