9.8 C
Skopje
Thursday, October 21, 2021

Професионалците ќе ги „надгласаат“ политичките кадри во дипломатијата

Најчитани вести

Најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина ќе бидат дипломати од кариера, односно од редовите на МНР. Така е предвидено со новиот предлог-закон за надворешни работи, за кој денеска се одржува јавна расправа.

-Од вкупниот број шефови на ДКП најмалку 80 отсто се именувани од редот на кариерните дипломати. При именување на шефовите на ДКП-а задолжително се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и принципот на родова еднаквост, се наведува во членот 66 од предлог-законот.

Тоа би значело дека само една петина од амбасадорите би можеле да бидат кадри кои не се професионално ангажирани во дипломатијата. Наспроти тоа, сегашната регулатива дозволува најмногу една третина од вкупниот број на шефови на ДКП да може да се именуваат од редот на истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и и културата. Во таа категорија, всушност, е и идниот амбасадор на Северна Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, Дане Талески, кој моментно е советник на премиерот Зоран Заев, а паралелно е секретар за меѓународна политика во СДСМ. Се очекува шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска на владина седница да ја достави кандидатурата на Талески за амбасадорската позиција во НАТО. Се очекува на денешната владина седница да бидат утврдени предлози за десетина до 15 амбасадорски места. Сепак непополнети ќе останат повеќе позиции, од кои некои се стратешки за земјава како таа во Вашингтон.

С.Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот, непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.

САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од непополнетите важни дипломатски центри. Таму сега наместо амбасадори имаме вршители на должност, а во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста.

Шефот на дипломатијата неодамна на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика меѓу другото, говореше и за испразнетите амбасадорски позиции, но и за начините на нивно пополнување. Нагласи дека последните десет амбасадори кои излегле по предлог на сегашното раководство на МНР во просек имаат повеќе од 22 години стаж, додека последните десет од претходното раководство имале стаж во просек помалку од три години.

– Тоа е еден еден спрема седум во однос на партизација или професионализација. Од последните десет на претходното раководство седум се целосно од надвор, односно имаат нула диполоматски стаж, рече Димитров.

Тој тогаш кажа дека со новиот закон за МНР ќе се направи обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера во прилог на вторите. Таму каде што ќе се испраќа политички кандидати, согласно новиот закон, појасни Димитров, ќе се воведат одредени услови за искуство, со цел да се оневозможи кој било да се праќа на амбасадорските позиции.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com