Промоцијата која ќе биде збогатена со мини концерт ќе се одржи во сабота, 18 март, со почеток од 13:00 часот во Макка Бар во Скопје.
„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од првенецот „Апокриф“, кој едновремено и едногласно ја освои публиката и музичката критика.
Како што велат издавачите, овојпат со осум мелодии, Добрила и Дориан раскажуваат ту весели, ту тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Имено, соочени со прашањето како понатаму, тие најдоа одговор во збогатувањето на едноставноста со помош на електронски модификатори – лупери и процесори кои на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови.
„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49то издание на SJF Records, спремно за уживање на CD, а ќе биде достапно и за даунлоуд и стриминг.