Пријателството со Русија продолжува, разговорите со пранкерите се приватна работа, лекциите се научени

Share on facebook
Share on twitter
Share on whatsapp
Share on google
Share on linkedin
Share on email
Share on print

Дефинитивно заклучивме и двајцата дека ова е во сферата на приватни дејствија и така е и претставено во јавноста. Пријателството секако останува. Наша е обврската е да го надоградуваме. Работиме на нови економски проекти. Верувам дека и трговијата ќе расте со Руската Федерација. Модерните технологии можат некој пат да направат вака непријатни чувства, но земјите мора да го унапредуваат пријателството, изјави македонскиот премиер Зоран Заев по вчерашната средба со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

„Протоколот за телефонските разговори со премиерот ќе се зајакне, грешката е увидена, а лекциите се научени. Пријателството со Русија ќе продолжи и ќе се надоградува, а разговорите со „пранкерите“ остануваат во сферата на приватна работа. Доколку се увиди одговорност, јас сум подготвен да ја понесам одговорноста“.

Ова се оценките изнесени по објавувањето на телефонските разговори што премиерот Заев ги имаше со двајцата руски комичари, а кои во вторникот беа објавени на каналот Јутјуб.

Сепак, како што кажа и самиот Заев, Македонија е мала земја и секојдневната потреба на оваа мала земја да се интегрира, да се избори, го ставаат премиерот и други функционери да комуницираат директно со својот мобилен телефон.

„Јас сум човек кој комуницира со сите. Вчера пуштив порака до претседателот Вучиќ, добив одговор. Се јавив на претседателот Тачи. Комуницирам со премиерите и претседателите од целиот свет. Сум се слушал со најголемите лидери, како што е канцеларката Меркел, потпретседателот Пенс. Разговорите потоа јавно ги објавуваме преку соопштенија. Протоколот ние го знаеме кога ја правиме конекцијата“, рече Заев.

Во врска барањата на опозицијата дали ќе понесе одговорност, Заев рече дека прво да се утврди дали постои одговорност.

„Не знаат за што ја бараат одговорноста, прво кажуваат дека сум открил државни тајни, потоа се утврди дека нема државни тајни. Иако е лажно претставување, тогаш верував дека зборувам со Порошенко, зборувам за НАТО интеграциите, за економската соработка. Изразувам жалење ако сум повредил некој“, рече Заев, додавајќи дека ако се утврди вина кај било кој, вклучувајќи го и него самиот, ќе понесе одговорност.

Тој рече дека на средба во рускиот амбасадор Баздникин разговарале за случајот со руските пранкери и дека тоа нема да влијае на односите Македонија – Русија.

Прашан дали руските власти ќе преземат нешто во врска со случајот, Заев рече дека ниту во нашето ниту во руското законодавство постојат малку одредби за ограничување на ваквите случаи.

„Овие пранкови или фејк перформанси претставуваат приватни работи, не се акт од Руската Федерација и не смеат ваквите работи да се испречат пред нашите пријателски односи. Познато е дека Русија не сака Северна Македонија да биде членка на НАТО, но не поради самите нас, туку поради тоа што е против проширувањето на Алијансата. Ние сме мала земја сакаме да бидеме пријатели со сите и да го задржиме пријателството дури и со оние кои се против проширувањето на НАТО. Нашата намера не е непријателство кон Руската Федерација со тоа што ќе станеме членка на НАТО. Напротив. Верувам дека со тоа само ќе го задржиме мирот во Северна Македонија и во целиот регион“, додаде Заев.

Џ.И.

Оставете коментар

Актуелно

@2019 – Новинска агенција ЖУРНАЛ. Сите права се задржани.

Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.