Притвор за таткото и синот кои се обиделе да пренесат над 40 килограми дрога

0

Скопје, 8 октомври- Мерка притвор во траење од 30 дена им е одредена на двајцата албански државјани, кои беа уапсени во неделата на граничниот премин „Богородица„ на излез кон Грција со марихуана во вредност од околу 200 илјади евра наменета за турскиот пазар.

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двете лица поради постоење на основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

„Двајцата осомничени, татко и син, по претходен договор и во заедница, на 6-ти октомври неовластено заради продажба пренесувале наркотична дрога – марихуана во вкупна количина од 44,742 килограми. Дрогата, спакувана во 45 пакувања, осомничените ја пренесувале во патнички автомобил „опел мерива“ со регистарски ознаки од Република Албанија. При вршење контрола на возилото од страна на  царинските службеници на граничниот премин Богородица биле пронајдени 25 пакувања марихуана сместени во посебно изработен простор – бункер под задните седишта и по 10 пакувања дрога сместени во посебно изработени простори – бункери под возачкото и совозачкото седиште“, се вели во соопштението од ЈОРМ.

Имајќи ги предвид висината на запретената казна и можноста осомничените да го повторат кривичното дело, како и тоа  дека осомничените се странски државјани и немаат живеалиште во Република Северна Македонија, надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат законски основи за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Од ЈО информираат дека, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.