Иако водата од градскиот водовод ги задоволува критериумите за нејзиниот квалитет, дел од велешани сè уште полнат вода од природните чешми. Таа е со променлив непостојан квалитет. Чешмите кои се епидемиолошки загадени, се со поставено предупредување од страна на Центарот за јавно здравје Велес, дека водата не е безбедна за употреба.
Велешани најмногу вода за пиење, полнат од чешмите во Башино село и кај Шорка кои се со најчесто исправна вода за пиење, но има периоди од годината кога таа не се препорачува за консумирање. За да се прифати водата како здравствено безбедна, неопходно е лабораториските наоди од сите испитани параметри, да бидат во рамките на дозволените концентрации, утврдени со Правилникот за безбедноста на водата за пиење.
Селските чешми во општината без исклучок биле со неисправна вода, во најголема мерка водоводите, бидејќи водата не се хлорира, оти нема соодветна апаратура. Квалитетот на водата се оценува според органолептичките, микробиолошките и физички својства на водата.