Линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите, зашто потребите на сите се исти, без разлика на висината на пензиите. Зголемувањето од 6,8 проценти во септември е срамно и недостоинствено за живот, велат прилепските пензионери кои излегоа на самоиницијативен протест. Се чувствуваат како граѓани од трет ред. Сакаат да живеат, а не да преживуваат.
Во прилепскиот регион се близу 15.000 пензионери. Повеќе од половината се со ниски пензии, под 15.000 денари. Со предвиденото зголемување, пензионерите со најниски примања ќе добијат по околу 700 денари.