Постапка за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје е завршена, но градоначалничката Данела Арсовска не сака да се потпише договорот. Како што објавува порталот СДК, ниту градоначалничката, ниту в. д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Драган Илиевски под чија надлежност е проектот, не кажуваат зошто тендерот не се потпишува, со што се закочува реализацијата на овој капитален проект за Скопје, кој чини 137 милиони евра обезбедени преку кредит од Европската инвестициона банка.
Изборот на фирма-надзор е завршен уште пред неколку месеци. Договорот е дури потпишан од надзорот уште пред еден месец, ама директорот не го потпишува. Завршена е и постапката за избор на фирма која ќе ја гради пречистителната станица. Од Европската инвестициона банка е доставено писмото дека е направен изборот и се чека само одобрување од директорот за да се пристапи кон потпишување на договорот. Но, еве сите чекаме, а не знаеме зошто чекаме. Ова е голем и доста важен проект за земјава. Не го спроведува само претпијатието туку и луѓе од банката кои го финансисраат – информираат извори на СДК.
Пред неколку месеци министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, по недоразбирањата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ околу тендерската постапка за пречистителната станица, рече дека на средбата со потпретседателот на Европската инвестициска банка, но и со евроамбасадорот Дејвид Гир, бил информиран дека актуелната тендерска постапка е во ред и дека сакаат да продолжи процедурата на тендерот со избор на најповолен понудувач.
Нуредини рече дека договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје очекува да се потпише во февруари 2023 година. Но, февруари е на крај и досега нема информација од Град Скопје дали такво нешто ќе се случи, а градоначалничката Арсовска, по разрешувањето на поранешниот в.д. директот на „Водовод и канализација“ Златко Перински, токму поради некакви нерегуларности околу тендерот, досега не кажува до каде е целата постапка.
За изградба на пречистителна станица за отпадни води ЕУ обезбеди неповратен грант во визнос од 72 милиони евра, додека преостанатите средства се обезбедени преку кредит од Европската унвестициона банка и Европската банка за обнова и развој во висина од 137 милиони евра.