Home » Претставата „Сергеј е многу глупав“ со Охридскиот театар вечерва на „Охридско лето“

Претставата „Сергеј е многу глупав“ со Охридскиот театар вечерва на „Охридско лето“

by Журнал.мк

Во претставата „Сергеј е многу глупав“ се разигрува ситуација во која се уриваат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер кога ненадејно и на „голема врата“ во неговиот живот влегува апсурдот. Од Сергеј се очекува брзо и вешто да научи да комуницира со него, нешто за кое тој однапред нема напишан „код“.

Во претставата, наједноставната животна ситуација одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација. Курири – доставувачи, неочекувано доаѓаат кај програмерот и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со Сергеј, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина. Од овој момент па натаму, започнува надреално шоу кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив. Страв од средбата со „непознатото“, обидот да се погледнат првичните работи од нов агол, сево ова го оттргнува ликот од вообичаената рутина и му го разнишува светот. Повеќе ништо нема логика. Обичниот живот му е претворен во апсурд.

Со други зборови, сите ние можеби сме „Сергеј“ на нашето време.

Оваа сатира која за прв пат се поставува во Македонија, открива автентична поетика на автор со длабоки познавања на руската литература и теорија и тој багаж имплицитно ни го разоткрива слој по слој, низ репликите: од воведување на име, презиме улица и број, уште на почетокот на пиесата – како карактеристики на руската урбана поетика, преку дијалогизмот, карневализацијата и полисемијата за кои зборува Михаил Бахтин, до доста луцидното и успешно флертување со поетиките на автори како Чехов, Достоевски, Булгаков, Хармс. како и народната руска литература. Како такво, ова драмско дело можеме да го вброиме во наследниците на руската „авангарда“, оние од 21 век.

Претставата е поставка на Дејана Николовска, втората Македонка која има завршено театарска режија во Москва на ГИТИС.

Актерската екипа во претставата ја сочинуваат Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Горан Стојаноски, Филип Кипровски и Леонида Гулевска.

Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More