16.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

Пресметка во 11:00: Рамковна Македонија против Дејтонска Македонија

Најчитани вести

За разлика од аматерската провидност на албанската опозиција, нештата во македонскиот (о)позициски блок се троа поперфидни, помагловити.

Пишува Арсим Зеколи

За разлика од аматерската провидност на албанската опозиција, нештата во македонскиот (о)позициски блок се троа поперфидни, помагловити. Пишува Арсим ЗеколиБогатите татковци немаат синови, туку наследници. Оваа стара еврејска поговорка е вовед во разбирањето на тектонските поместувања кои се одвивааат деновиве и го кројат часот кој – во ретроспектива – ќе биде толкуван како судбоносен историски миг за иднината на земјата и нејзините народи. Еден поглед врз денешната политичка и партиска сцена во Македонија ја потврдува мудроста на таа изрека. Нашите богати партиски татковци, од следбениците популарно и понизно нарекувани Патријарх, ТаткоМак, Баба Али, Баба Мендух, имаат многу наследници, но немаат синови. Од параноја или страв од едипови комплекси, лидерите си ги убиваа синовите на самиот почеток на сопствените кариери. За на крај да завршат со наследници неоптоварени од наследства и потомства, оптоварени со златољубие, бесрамност и закинати за авторитет, каризма и одговорност.

Денешната криза на пеперутки, од чии крилја ќе израсне бура, е водена токму од такви наследници. Сите во албанскиот опозиционен камп се на овој или оној начин изнедрени од пазувите на ДУИ и ДПА. И оттаму исфрлени по убиствата на автентичните синови на лидерите и сотрени низ беспоштедните бескрајни наследнички борби за превласт. Касами и Гаши, Зејд и Села, Хоџа и Груби се типични примери на макијавелистички Јаго-карактери во залудно глумење Хамлети. Наместо воздигнување кон врвот, нивното гордеење со петте минути на славен резил од ден на ден во очите на јавноста ја подвлекува баналната им бескарактерност, нехаризматичност и потпросечност. Поради кои и беа фаворизирани (Гаши, Зејд, Избрахими, Груби) од нивниот пријател Изет Меџити или пак Мендух Тачи (Села, Хоџа) – токму поради прeдноста на бивање безлична незакана за нивните доминации во партиите и штабовите.

Драма со елементи на оперета

За разлика од аматерската провидност на албанската опозиција, нештата во македонскиот (о)позициски блок се троа поперфидни, помагловити. Или подобро кажано, беа додека на сцена не се врати Патријархот, а од најбурната борба за судбината на Заев избегаа Шекеринска и Димитров. Појавата на „независната” Данела Арсовска беше само уште едно колаче во низата и нишката која ги поврзува Бранко и Христијан и Гордана и Димитар. Историјата и Фејсбук-детективите ќе кажат кој сѐ бил во оваа група сенатори зададени кон Заев, кој бил Брут со нож, која била Сервилија, кој Лонгинус со замисла, кој Касиус, а кој Требониус. Она што веќе се знае е дека – во одреден час – сите биле фаворизирани или протежирани од самиот Заев. Кој, бивајќи и самиот наследник роден од колежот на политички синови, беше избран поради неговата, хм, употребна вредност.

Низ наведениот листинг и биографии на актери во денешната собраниска претстава закажана во 11 часот ќе можете да ја разберете и смислата на самата драма со елементи на оперета. Во која ќе има многу одмазда, многу омраза, интриги, подметнувања и ситења. Низ сиот ден ќе се изнаслушаме реторики, дијалози, реплики, шеги, патетики, колнења и евтин патос. Но ова е драма без наравоучение, колку и да се обидуваат да нѐ убедат во спротивното. Во најдобар случај, денешните настани ќе бидат претстава на горливите желби пеплосани од преголемата попаленост. Во најлош случај, денешниот или саботниот ден ќе биде документарно сведоштво за зачетокот на пресврти за кои – стравувам – ниту самите денешни актери не се сосема свесни или загрижени.

Црно или мрачно?

Голема работа што кажувам јас. Слушајте ги самите актери. Власта на Заев и Ахмети кои самобендисано мислат дека самото нивно преживување е поттик или гаранција за што било, кој било, чија било надеж за подобрување. Слушнете ги бисерите на опозицијата вткаени во ставот „целта не е правење влада, туку рушење на влада”. Слушнете и читајте им ги медиумите. Во Република, Курир, Експрес, Плусинфо сѐ што е лошо ќе замине со „нив” и сѐ ќе биде подобро со доаѓањето на „нас”. Во Фронтлајн, Фактор, 24 вести, падот на Заев е предвесник на доаѓањето на анти-Христ, апокалипса со сѐ жаби, потопи, црвен дожд и четири апокалитпични коњи јавнати од Мицкоски, Касами, Села, Гаши.

Но во реалноста, нештата не се толку црни.

Мрачни се.

Во распоредот на спротивставените страни не се отсликува голата борба помеѓу власта и опозицијата, туку две струи, кои според политичкиот бекграунд и менталитет можат да се дефинираат како домашно искусни рамковни (СДСМ, ДУИ, ДПА) и Дејтон босански несвесни творби (ВМРО, АА-А, Беса, Црвенковски, Пендаровски). Исламистичката подлога на албанската опозиција и силната поддршка за нив од медиумите блиски до најголемите македонски партии потврдува дека не станува збор само за рушење на ДУИ и „покажување место на Албанците”, туку и за досега најконкретната офанзива за ништење на самиот корен, согорување на самото тло од кое вирее моќта на ДУИ денес или која било друга албанска партија во иднината. А тоа е Охридскиот рамковен договор (ОРД).

Нема полза од објаснување

Бесполезно е на политички првооделенци како Села, Гаши, Касами да им се објаснува дека во нивното здивеено беснило против ДУИ, лежи семката на нивниот пораз поради кој нема да можат да ниту приближно ги почувствуваат посакуваните профити. Кои Али и дружбата му така беспоштедно, бесрамно и здивеено ги кркаше, голташе, гмечеше, ништејќи ја смислата на ОРД. Предоцна е веќе. На опозицијата ѝ успеа да ги убеди Албанците дека еден циничен автократ е ѓаволот кој го познаваш и подобро решение од шест лидери на четири партии на хаосот, со не помалу апетити за автократија. Дека предвидливоста на вообичаен криминал на албанската ДУИ е поприфатливо од некогаш две, доскора три, сега четири, а во власт пет или шест албанофонски партии на ердоганизам, исламизам, комунизам и сенештизам со далеку помалку влијание, пари и гласови од интегративците.

Подеднакво е бесполезно на идеолозите на македонските партии да им се укаже на погубноста на нивните постапки, потези и посакувања во ништење на ОРД за инает на ДУИ и Албанците. Бранко и Минчев, Христијан и Муцунски, Шекеринска и Димитров, Заев и Пендаровски се премногу фокусирани на посакуваното за да го земат предвид контекстот на новите реалности кај нас и во регионот. Прашање е дали кој било од нив сѐ уште има капацитет за согледување на сопствените улоги сведени на пиони во поголеми игри врз кои немаат влијание, освен онаа на извршители на свршени чинови. Прашање е дали препознаваат дека желбата за ништење на ОРД е увертира во Дејтонска реалност, во која тие мислат дека може да ја имаат битноста на Република Македонска. Но, по таа аналогија, подеднаква е можноста да се соочат и со некакво поинаков, нам поблизок репер на Хрватското барање за уставотворност, претставителност и рамноправност. Тие знаат за што ми е зборот. Јас знам дека знаат за што ми е зборот. И тие знаат дека знам зошто пред македонската јавност го премолчуваат она што и самата јавност веќе го знае.

Дијалог на глуви

Она што никој од оние кои денес ќе решаваат не го знае е што всушност сакаат, што подразбираат под победа, што под пораз. Во таква состојба, едните ќе бараат да го бранат ОРД како придобивка која веќе утре може да ја сметаат за излитена пречка за стекнување нови дејтон-модел добивки. Другите ќе инсистираат на рушење на ОРД, несвесни дека можеби утре (според Љубчо Г.) токму тој договор ќе биде во нивна полза и заштита од некакво дејтонско уредување.

Сплотено, пак, ниту една страна нема да сака да си дозволи попродлабочено промислување за смислата и долгорочните ефекти на сопствените барања. И тоа е стандардот во нивните и нашите севкупни политички согледувања и делувања, базирани врз какофонија и лични интереси пакувани како национални или етнички политики. Во денешната расправија ќе има многу зборови, расправии, тврдења, заложби за сѐ и сенешто. Она што нема да го има е дијалогот. Со исклучок на глувите.

претходниот член,Прстот на чело!
Следната статијаТретман на возрасни – логопед

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com