23.8 C
Skopje
Saturday, June 25, 2022

Премиера на претставата „Вернисаж“ во Драмски театар

Најчитани вести

На 15.6.2022 е најавена премиера на претставата „Вернисаж“ во Драмскиот театар, информираат од оваа институција.

Автор е Вацлав Хавел, преводот е на Никола Маџиров, режијата е на Теа Беговска, сценографијата е на Енес Деари, визуелизацијата и анимациите се на Милчо Узунов, композитор е Енес Беговски, костимографијата е на Раде Василев, а улогите се на Роберт Вељановски, Предраг Павловски и Гордана Ендровска.

„Откривање” или „Вернисаж” на Вацлав Хавел е смешен коментар на маргинализираниот човек. Брачен пар кој е тотално заслепен, маѓепсан од материјализмот и консумеризмот на животниот век, кој ги прави и самите нив жртви на еден добро обмислен општествен систем. Конвенционален свет во кој дури и среќата е на некој начин организирана. Љубовта како највисока човечка свест е исто така организирана и однапред испланирана, велат организаторите.

Нивниот нов „проект” за конвенционализирање е пријателот кој им доаѓа на гости. Брачниот пар го „напаѓа” со помпезно фалење и расфрлање со коментари за нивниот прекрасен живот и „откривање” на нивните изложени антиквитети. Всушност Вернисаж е една „изложба” на денешното човечко битие. Нивното откривање не престанува да биде смешно, а истовремено и апсурдно, бидејќи „нападот” кон пријателот станува до тој степен агресивен, што и самата среќа за која зборуваат добива агресивна форма со која треба да се напаѓа, а потоа да се преработи. Среќата како емоција овде е „изглумена”, преглумена, нема никакво суштинско и природно значење. А денес одредени емоции, меѓу кои и среќата, играат во интерес на креаторите на општествените состојби, и нивна основна задача е одржување на овие состојби. Во суштина нивната главна улога е: маѓепсување, успивање, одржување на ниско ниво на свест кај сеопштата толпа. На овој начин се креира еден вештачки свет на вештачко однесување, вештачки начин на живот, вештачки брак. И во тој вештачки свет имаш само еден избор – да станеш и ти вештачки ако сакаш да се вклопиш во тој систем. Главната парадигма е – вклопи се за да преживееш.

Помпезното „Откривање” на новиот дом на брачниот пар нè тера да се прашаме дали и колку сме откриени ние. Дали вака треба да се откриваме, а ако не вака, тогаш како? Изолацијата нè натера да седиме во четири ѕида, без да нè праша дали сакаме, дали ни е убаво. Нè’ натера да поминуваме време со луѓе (партнери) со кои можеби и не се познаваме доволно добро. Не сме си се откриле доволно еден на друг. Оваа претстава е само еден мал дел од тоа откривање, а во тоа главното прашање – Кој е пријателот кој треба „да ни дојде на гости” за да се откриеме и освестиме целосно, а можеби и не.

Mногу работи во театарот се веќе кажани, но и многу од нив треба пак повторно и повторно и одново и одново и од почеток и од почеток да се повторат – како потврда за оној магичен круг кој го нарекуваме сцена на која актерот дише.

Времето е бесконечна категорија. Нешто што не можеш да го допреш, нешто што не може ниту да се одземе, ниту да се даде. Времето во животот и сценското време е она што нè’ одржува во живот, што ни дава пулс од време на време да кажуваме и правиме важни работи.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com