Home » Предолго чекаме, но не се откажуваме од ЕУ

Предолго чекаме, но не се откажуваме од ЕУ

by Журнал.мк

Северна Македонија и Албанија очекуваат почеток на преговори и обединет континент, поотпорен на закани. Во регионот се вложуваат напори војната да не се прелее на Балканот.

Во време на глобални промени, подготвени сме да се приспособуваме, но не сме подготвени и не сакаме да ги менуваме нашите стратешки цели, затоа отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е наш најголем приоритет, порача вчера заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, од дебатата „Регионална соработка за европска интеграција“ организирана во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“ во Тирана.

„Никој не помислуваше дека денес ќе треба да дебатираме за ‘перспективите за интеграција во ЕУ на Западен Балкан во време на кризи’. За жал, сведоци сме на конфликти на тлото на Европа, со последици и за Европската Унија, но и за нас, земјите од регионот. Затоа е важно да се заврши обединувањето на континентот, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани“, рече Маричиќ.

Тој вчера се сретна со заменик претседателот на албанската влада, Арбен Ахметај, министерката за надворешни работи Олта Џачка и со главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, Зеф Мази. На средбите уште еднаш бил потврден ставот дека двете држави не се откажуваат од ЕУ и покрај предолгото чекање.

„Двете пријателски земји имаме заеднички пат кон членство во европското семејство, пат на кој покажавме зрелост и за регионално интегрирање и соработка која се потврдува низ активностите преземени со иницијативата Отворен Балкан. Време е да се валоризира она што досега го постигнавме во делот на реформите, и на Северна Македонија и Албанија да им се даде датум за отпочнување на преговорите со Унијата“, потенцирал Маричиќ на средбите со Ахметај и Џачка.

Тој во Тирана се сретна и со новиот германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој ја пренел пораката дека Сојузна Република Германија продолжува да ги поддржува земјите од Западен Балкан во напорите да станат членки на ЕУ, што е особено важно за регионот во време кога се соочува со предизвици.

Порозни точки

Пораката на Скопје и Тирана доаѓа во време кога сѐ повеќе растат стравувањата дека војната во Украина може да се прелее во регионот на Западен Балкан. Додека Северна Македонија и Албанија немаат дилеми каде ја гледаат нивната иднина, вниманието е насочено кон земји каде руското влијание се смета за големо.

„Мора да се погрижиме војната во Украина да не се прелее на Балканот“, порача британскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич, кој денеска во Загреб ќе учествува на панел „Велика Британија и Западен Балкн во светло на војната во Украина“.

„Ситуацијата во БиХ е загрижувачка. Секако, тоа е политичката ситуација, политичко прашање, а не безбедносна криза, но мора да работиме да не се претвори во тоа. Со војна која беснее не толку далеку од местото каде седиме денес, мора да се погрижиме војната да не се прошири во овој регион. Работам со нашите пријатели во регионот тоа да не се случи“, изјави Пич за ХИНА.

Русија пред почетокот на инвазијата бараше гаранции дека Украина нема да стане членка на НАТО, a деновиве рускиот амбасадор во БиХ, Игор Калбухов, изјави дека Сараево има право да одлучи дали ќе се приклучи кон НАТО, но предупреди дека Москва го задржува правото да реагира на таквата можност во согласност со нејзините интереси.

„Почитуваме ако земји во регионот не сакаат во НАТО, но оние кои го сакаат тоа, треба да добијат таква можност“, изјави Пич, додавајќи дека истото важи и за членството во ЕУ.

Според него, целта е да се зачува стабилноста на Западен Балкан, а неодамнешното зголемување на бројот на војници на ЕУФОР во БиХ од 600 нa 1.100 го нарекува „видлива демонстрација на присутност“.

Опасност од прво ниво

Дали сегашните безбедносни предизвици ќе создадат нови шанси за западнобалканската шесторка? Весна Пусиќ, поранешна шефица на хрватската дипломатија, смета дека ЕУ конечно разбрала оти станало преопасно оставањето на темите и недовршените процеси за консолидација на европската територија, дека се работи за опасност од прво ниво и дека нешто мора да се преземе за шесте земји кои не се членки на ЕУ.

„Безбедносно гледано, најчувствителни се БиХ и Црна Гора, бидејќи таму е најприсутен и најагресивен некој вид руски и путиновски пиони и играчи, низ кои путиновата политика со години ги дестабилизира тие земји. Но, истовремено мора да се каже дека ЕУ, барем во последните десет години, едноставно не се занимаваше со оваа тема, а со она малку што се занимаваше, го правеше тоа на погрешен начин“, оценува Пусиќ.

Според неа, војната во Украина малку ги исплашила Путиновите дестабилизатори на Блаканот, затоа што нивниот недопирлив ментор и Русија сега се под санкции, па стравуваат дека истото може да им се случи и ним.

Осамен „остров“

Во овој, безбедносно чувствителен момент за Европа и регионот, стратегиските определби и демократските вредности кон кои се стреми РСМ, не се доведени во прашање. Во тој контекст, за осамен и изолиран остров се сметаат ставовите на парламентарната партија Левица, која пред два дена соопшти дека нејзините пратеници оствариле 90-минутна работна средба со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

„Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените русофобски изјави на шефот на дипломатијата г. Бујар Османи, кои беа оценети како провокаторски и непријателски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ. Пратеникот Апасиев се огради од последните контроверзни дејствија на македонската дипломатија и потсети дека овие нецивилизирани антируски чекори воопшто не ја изразува волјата на мнозинството македонски граѓани. Осудени беа и непотребните санкции, кои Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО, ги воведе спрема Руската Федерација“, беше наведено во соопштението на Левица.

Партијата, која во соопштението ја користи терминологијата на руската политика, наведе дека на средбата имало „посебен осврт на специјалната воена операција во Украина и последиците од истата по меѓународниот поредок, а акцент се ставил на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија“.

Од власта порачаа дека Левица сè повеќе покажува дека не е дел од демократските процеси во државата. Ваквите ставови ги критикуваа индивидуално и некои пратеници од Беса, но изостана јасен осврт од другите партии кои заедно со Левица имаа неуспешен обид за формирање ново парламентарно мнозинство.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk