15.8 C
Skopje
Friday, May 27, 2022

„Преговорите ги диктира Софија, ова е пазар дипломатија“ – опозицијата со критики за начинот на кој Владата преговара со Бугарија

Најчитани вести

Остри критики за начинот на којшто се водат преговорите со Бугарија упатија говорниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на трибината насловена „Заштита на националните и државни интереси, наместо пазар дипломатија“.

Професорката и актуелен пратеник, Гордана Силјановска Давкова, рече дека односот на Бугарија кон Македонија е како на судија и обвинет и посочи дека ако Бугарија бара признавање на бугарското малцинство и таа треба да го признае македонското. Во однос на барањето за промена на Уставот, Силјановска изјави: „Мој белгиски колега вели, Уставот треба да се менува со рака што трепери од одговорност. Да, ние го менуваме Уставот со рака што трепери од страв, и тоа неколку пати досега“.

Партискиот портпарол, Наум Стоилковски порача дека „пазар дипломатијата на власта прави сериозни отстапки со кои се нарушуваат националните и државни интереси и позиции во преговорите со Бугарија“.

Стоилковски сподели и едно негово работно искуство со претставник на Европската комисија за Македонија од периодот на 2000-тите години, Ерик Мереер кој имал добри видувања за состојбите на Балканот по однос на условувањата што земјите членки во унијата ги правата на земјите кандидати. Тој рече дека сето ова што денеска ни се случува и што секоја држава бара Македонија да прави отстапки и промена, на пример на Устав, доаѓаат од периодот кога Зоран Заев се’ уште не беше на власт и во Берн истакна дека не може Македонија да не е виновна, а сите држави околу неа да се виновни.

Портпаролката Марија Митева, пак, праша дали владата ќе преговара за историјата со Бугарија далеку од очите на јавноста. Таа потенцираше дека во вторник се очекува првата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија прашувајќи дали може се очекува да се разговара за историските прашања далеку од очите на јавноста со оглед на фактот дека како еден од членовите на делегацијата е токму предводникот на македонската комисија за историја.

Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина рече дека властите се обидуваат да ја манипулираат јавноста, а Бугарија е таа којашто го диктира процесот на преговарање.

Андоновски истакна дека додека бугарскиот премиер Петков го диктира процесот на преговарање, македонските власт се однесуваат како неми набљудувачи и независни аналитичари, укажувајќи дека има чувство на инфериорност кај власта.

„Имаме целосна доминација и изместување на оската, а знаете во меѓународната дипломатија, па и во преговорите како процес мора да имате две сериозни страни еднакво потковани за процесот доведе до еднаков избалансиран резултат. Не може да очекувате избалансиран резултат кога имате неизбалансиран процес“, смета Андоновски.

Во однос на суштинските аспекти, Андоновски вели дека сега има нешто повеќе од португалскиот предлог, додвајаќи дека тој предлог бил прифатлив од македонската страна, но отфрлен од Бугарија односно како што рече тој истиот е ставен во фиока, а се дискутира за промени коишто значат промени во идентитетските обележја.

„Првиот суштински аспект е дека сега имаме нешто повеќе од португалскиот предлог. Исто така ќе ве потсетам дека цела 2021 година бевме убедувани дека португалскиот предлог е единственото нешто за што преговараме, кога знаеме дека уште првиот ден португалскиот предлог кој одеше на заштита на дел на македонските права беше отфрлен од Бугарија. Тие продолжија да дискутираат, а беше прифатен од македонска страна дека е одлична основа за продолжување на преговорите. Сега португалскиот предлог е ставен на ад акта и ние дискутираме за повеќе од меѓународно прифатените правила на игра, односно дискутираме за промени кои што значат промени во идентитетските обележја и не е случајно голем број на поранешни претставници од власта повеќе не се дел од истата, затоа што ова е навредливо дури и за нив, за луѓето кои што беа дел од грчкиот договор, кажа Андоновски.

И последната суштинска разлика на кое што се удираат македонските национални интереси е едно начело во правото на ЕУ кое што вели директна примена на правилата. Македонија исто како и Бугарија се потписни на Европската Конвенција за човекови права. Како правен документ има директна примена во правниот поредок на Република Македонија, исто како и било кој системски закон кој што го имаме. Од тука да очекувате и да се мешате во правата на Македонија и македонскиот уставен поредок за да таа го менува истиот, а во исто време не ги почитувате правата на Македонците кои што живеат во Бугарија, кои што се заштитени по таа конвенција која што вие сте ја ратификувале, освен што е политички некултурно, оди против сите правила на меѓународното право. Но, она кое што мене повеќе ме навредува не е бугарскиот став дека тие нема да ги почитуваат пресудите на судот во Стразбур, туку е македонскиот став дека ние немаме право да ги заштитиме токму тие права кои се гарантирани од Советот на Европа, од Судот за човеков права, потенцираше Андоновски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com