18.8 C
Skopje
Saturday, July 24, 2021

Превозниците и понатаму заглавени на границата со Грција

Најчитани вести

Превозниците на стока одвај успеваат да ги достават договорените испораки поради новите правила за влегување и транзитирање низ Грција, како дел од мерките за сузбивање на коронавирусот. Претставниците на асоцијацијата „Макам-транс“ истакнуваат дека проблемите со превоз на стока започнале уште од 25 февруари кога грчките надлежни органи вовеле задолжителна обврска за спроведување брзи тестови на секое лице што влегува на нивна територија.
– Со оваа одлука се опфатени и професионалните возачи што управуваат моторни товарни возила иако се самоизолирани во својата кабина. Дополнително се ограничи работното време на царинските служби на граничните премини од 7 до 19 часот по грчко време. Во Грција се користи веб-страницата travel.gr каде што се пријавуваат сите што треба да влезат во Грција за да добијат код за влез. Од саботата се блокираше страницата, која во понеделникот беше рестартирана. Иако имаше најава дека ќе нема ограничување за влез на професионални возачи, за жал, од средата пак има ограничување. Протокот на возила е многу мал и превозниците бараат да се надмине проблемот и да се вратат претходните правила кога возачите не беа ограничени со тестови во интерес на заживување на стопанството – објаснува Биљана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“. Таа дополни дека се бараат сите начини за надминување на проблемот и се информирани сите домашни институции. Исто така посочи дека комуницираат со здруженија на транспортери од соседството за наоѓање решение.

– Најголема поддршка имаме од Федерацијата на превозници од Грција, кои се обидуваат со преговори со нивните надлежни органи да издејствуваат тестовите за возачите да бидат по слободен избор, а не на секој што влегува. Сите се обидуваат да се најде решение, но, за жал, немаме напредок. Штетите за превозниците се големи, но и за другите бизниси поради проблеми со достава на репроматеријали и стоки што пристигнуваат или се испорачуваат од пристаништето во Солун. Има и голем број цистерни што секој втор ден носат нафта и нафтени деривати од Грција, голем број ладилници што превезуваат свежа или смрзната стока од Грција, или пак такви што транзитираат до Турција и назад. Фреквенцијата на овој граничен премин е голема. Со затворање на граничните премини Дојран и Меџитлија и ограниченото време на работа на Богородица, протокот на стока е намален за 50 проценти и повеќе. Ова се огромни загуби за целото стопанство, а може да се случи и да се намалат капацитетите на бензинските пумпи, како и на трговските центри каде што се продава стока за широка потрошувачка – објаснува Муратовска и дополнува дека се надеваат оти наскоро ќе се надмине проблемот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести