16 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Пребогати сме со културно наследство, но ќе дојде време ќе нема кој да го заштити, вели Ацо Костов, директор на Управата за заштита

Најчитани вести

„Ние немаме ни занаетчии, ќе се доведеме во ситација утре, да побараме пари од Европа, за конзервација на некој објект, веројатно и ќе добиваме, но ќе ни фалат конзерватори“, вели директорот на Управата.

Во земјава има недостиг на конзерватори, занаетчии, луѓе кои работат фрескоживописи по црквите и манастирите, а пребогати сме со повеќеслојно природно и културно богатство, вели директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов.

Последен објект кој доби највисок степен на заштита е Аквадуктот во скопската населба Визбегово, културно наследство од 6. век, кој на 20 април беше прогласен за споменик од особено значење. Владата на седица, по предлог од Управата за заштита  и мислењето на Националниот совет за културно наследство, донесе Одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

„Изгубивме драгоцено време, 15-20 години се занимававме со ново културно наследство, со фејкови и го изгубивме континуитетот на наследување на занатските работи“, вели Костов.

Проект кој се следи со голем интерес во јавноста е и спасот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде лани почнаа конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата на црквата.

Во однос на тоа кој е следен чекот на заштита на Аквадуктот, Костов вели дека Конзерваторскиот центар Скопје, како надлежен за објектот, изготвил проект за санација и сега надлежноста ќе премине во Националниот конзерваторски центар. Тоа ќе предизвика административно-правни организациони проблеми кои ќе се решаваат во од.

„Но, никако нема да отстапиме од тоа дека тие што долги години се занимаваа со елаборатите и проектите, треба да бидат вклучени како професионалци. Ни следи и промена на законска регулатива, очекуваме законот за заштита на културното наследство да ги решава и ваквите проблеми. Ќе се решаваат во од, но да не биде на штета на спомениците“, рече директорот за САКАМДАКАЖАМ.МК.

  • ВЛАДАТА ГО ПРОГЛАСИ СКОПСКИОТ АКВАДУКТ ЗА СПОМЕНИК СО НАЈВИСОК СТЕПЕН НА ЗАШТИТА

За следни чекори, вели дека ќе се работи на еден мултидисциплинарен пристап, што подразбира, вели тој, дека Градот Скопје, кој ќе владее со објектот и кому му припаѓа, да најде начин дали со јавно-приватно партнерство да го уреди со зеленило, со пристапни патеки, да има видеонадзори, чуварски служби, паркиралишта, монтажно-демонтажни објекти кои ќе нудат освежувања.

„Покрај тоа што до таму се стига со автомобил, да се направи една рута за велосипеди до Скупи, па преку Касарната ‘Илинден’ која во догледно време веројатно и би се дислоцирала со Генералниот урбанистички план (ГУП). Се наоѓа начин да се поврзат со Калето, со Музејот на современа уметност (МСУ), со Старата скопска чаршија. Целиот простор да добие нова урбана, културна содржина“, појаснува Костов, додавајќи дека се во секојдневна комункација со скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Аквадуктот низ годините беше мета на вандалски однесувања, а по последниот инцидент во 2019, и полиција го чуваше.

Се смета дека Аквадуктот датира од времето на Римското царство или Византија во времето на Јустинијан Први, од 527 – 554, па поради тоа овој аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт. Според овие мислења, тој бил поврзан со градот Скупи. Се смета дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток.

Според Прокопиј, водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 . Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на аквадуктот со Куршумли ан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на 15. век, кога градот Скопје започнал интензивно да се зголемува заедно со новите исламски градби амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода.

Костов вели дека живееме во општество во кое свеста за културното наследство и не е на високо ниво, и е незачувано, неоградено, без сигурносни мерки.

„Друг горлив проблем е што секаде фалат кадри, особено архитекти. Фалат луѓе за конзервација, за фрескоживопис, за икони, за археологија, а ние сме пребогати со повеќеслојноста на културното богатство. Во еден простор може да најдете од антика до денешни артефакти“, вели тој.

Продолжува дека треба да се вработуваат млади луѓе, и дека конзервацијата не е титула да се стекне, тоа е занатска работа, менторски систем.

„Министерството за култура во 2013 воведе да се доделуваат лиценци за конзерватори. Така е прескокнат еден цел систем на усовршување. Во мое време, бар 20-30 години ти требаа да станеш конзерватор, па виш конзерватор за 10 години , па за 15-20 да станеш советник , за да може да изработуваш проекти и да се занимаваш со посложени ситуации на решавање. Кај нас тоа го скратија, дозволија да се работи со лиценци, градежна фирма да може да изготвува проект. Изгубивме драгоцено време, 15-20 години се занимававме со ново културно наследство, со фејкови и го  изгубивме континуитетот на наследување на занатските работи. Ние немаме ни занаетчии, ќе се доведеме во ситуација утре, да побараме пари од Европа, за конзервација на некој објект, веројатно и ќе добиваме, но ќе ни фалат конзерватори. Луѓе кои работат фрескоживописи по манастирите и црквите. Ќе отидат во пензија, ќе немаме луѓе кои ќе можат да пренесуваат знаење. Горлив е проблемот, оти секој објект за себе си е приказна“, рече Костов.

Костов додава дека кадар создаваат Конзерваторските центри, тие треба да вработуваат кадри за да може да се усовршуваат, најпрво на терен, па проекти во кои учествуваат тимови од историчари, археолози, архитекти, и така се создава тој кадар.

„Треба да се соочиме и да направие стратегија како да го искористиме ова богатство“, вели Костов.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести